Online Bible

- Reklamy -

Езекил 48 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Поделба на земјата меѓу дванаесетте племиња

1 А ова се имињата на племињата. На север, по патот што води од Хетлон за Хамат и Хацар-Енан, на ме­ѓата меѓу Дамаск и Хамат, сето тоа од исток па сѐ до морето е еден дел за Дан.

2 А од границата на Дан, од север па до запад, тоа е еден дел за Асир.

3 Од границата, пак, на Асир, од ис­точниот крај па до западниот, тоа е дел еден за Нефталим.

4 До границата на Нефталим, од ис­точниот крај па сѐ до западниот, тоа е еден дел за Манасија.

5 До границата на Манасија, од исток до запад, тоа е еден дел за Ефрем.

6 До границата на Ефрем, од ис­точ­ни­от крај па сѐ до западниот, тоа е еден дел за Рувим.

7 До границата на Рувим, од исток до запад, тоа е еден дел за Јуда.


Посебен дел на средината

8 А до границата на Јуда, од исток до запад, е свештениот дел, широк дваесет и пет илјади лакти и долг колку што се и другите делови, од исток па сѐ до за­пад. Во средината негова нека биде све­тилиштето.

9 Делот што е посветен за Господ ќе биде долг дваесет и пет илјади лакти, а широк десет илјади.

10 И тој свештен дел треба да им при­паѓа на свештениците, кој е од северната страна долг дваесет и пет илјади лак­ти, а откај морето – широк десет илјади, и откај исток – широк десет илјади, а откај југ долг ќе биде дваесет и пет ил­јади, додека спроти него нека биде пос­тавено светилиштето на Господ.

11 Дајте им го тоа на свештениците од синовите на Садок, што Ми служеа вер­но, кога отстапуваа синовите Из­ра­иле­ви, но тие не отстапија од Мене, како што отстапија другите левити.

12 Ним ќе им припадне тој дел од светата земја, Светињата над светињите во пределот на левитите.

13 И левитите ќе добијат во свеш­те­ничкиот дел дваесет и пет илјади лакти надолж и десет илјади нашир; целата должина ќе е дваесет и пет илјади лак­ти, и ширина десет илјади.

14 Од тој дел тие не можат ни да продаваат, ниту да сменуваат; и првините од земјата не можат да ги пренесуваат на други, зашто тоа е светиња Гос­по­до­ва.

15 А другите пет илјади лакти во ши­рина од дваесет и пет илјади и во дол­жина – пет илјади, ќе се определат за општа употреба на градот, за населби и за предградија; градот ќе биде во средината.

16 А еве ги мерките – од северната страна четири илјади и петстотини лак­ти, од јужната четири илјади и петстотини, од источната четири илјади и петстотини и од западната страна – четири илјади и петстотини.

17 Предградието, пак, на градот ќе би­де двесте и педесет лакти од север, двес­те и педесет од исток, двесте и педесет од југ и двесте и педесет од запад.

18 А она што ќе преостане од дол­жи­ната спроти свештениот дел – десет ил­јади спрема исток и десет илјади спрема запад, спроти свештениот дел, ќе биде земја, чии производи ќе служат за ис­храна на службениците во градот.

19 Во градот ќе можат да работат работници од сите Израилеви племиња.

20 Одвоениот дел од дваесет и пет ил­јади лакти во должина и дваесет илјади во ширина, четириаголен, определете го како свештен дел, вклучувајќи ги во него и владенијата на градот.

21 А сѐ што ќе остане, да биде за кнезот. Како откај свештениот дел, така исто и откај владенијата на градот, спроти дваесет и петте илјади лакти до источната граница, на делот, и на запад спроти дваесет и петте илјади лакти на западната граница, сразмерно со сите делови е делот на кнезот, така што свештениот дел и светилиштето да би­дат во средината негова.

22 А она што ќе остане од левитските владенија и од владенијата на градот во средината, ќе му припадне исто така на кнезот: меѓу границата на Јуда и меѓу границата на Венијамин.


Земјиште за другите племиња

23 Остатокот, пак, од колената, од ис­точниот крај до западниот – е еден дел за Венијамин.

24 До границата на Венијамин, од ис­ток до запад, ќе биде еден дел за Си­ме­он.

25 До границата на Симеон, од исток па до запад, тоа ќе биде еден дел за Иса­хар.

26 До границата на Исахар, од источ­ниот крај па до западниот, ќе е еден дел за Завулон.

27 До границата на Завулон, од исток па до запад, еден дел за Гад.

28 А до границата на Гад, од јужната страна, се протега јужниот крај од Та­мара до водите на Мерива во Кадис, по должината на потокот сѐ до Големото Море.

29 Ете, тоа е земјата што со ждрепка ќе ја разделите меѓу Израилевите пле­миња, и тоа се деловите, вели Господ Бог.


Ерусалимските порти

30 А ова се излезите на градот: од се­ве­рната страна – четири илјади и петстотини мерки,

31 и портите на градот се именувани со имињата на племињата Израилеви: од северната страна три порти – Ру­ви­мо­ва, Јудина, Левиева.

32 И од источната страна – четири ил­јади и петстотини лакти, со три порти – Јосифова, Венијаминова, Данова.

33 И од јужната страна – четири илјади и петстотини лакти, со три порти: Симеонова, Исахарова и Завулонова.

34 Од страната на морето, пак, – чети­ри илјади и петстотини мерки, и три порти: Гадова, Асирова и Не­ф­та­ли­мо­ва.

35 А обемот наоколу ќе изнесува осумнаесет илјади лакти. И градот од тој ден ќе се именува: „Господ е таму.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy