Евреите 8 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Исус е нашиот Првосвештеник 1 А најважното од ова што го зборуваме, е дека имаме таков Првосвештеник, Кој седна од десната страна на престолот на величието на небесата, 2 и е служител на светилиштето и на вистинската скинија, што ја постави Господ, а не човек. 3 Секој првосвештеник се поставува за да принесува дарови и жртви; затоа беше потребно и Тој да има што да принесе. 4 Зашто, ако Тој беше на земјата, не би бил ни свештеник, зашто има свештеници што принесуваат дарови по Законот 5 и им служат на образот и на сенката на небесните работи, како што му беше речено на Мојсеј, кога ја подигаше скинијата: „Гледај, рече, да направиш сѐ според образецот, што ти беше покажан на планината.“ 6 А сега Тој доби толку подобра служба, и стана посредник на подобар завет, кој е утврден врз подобри ветувања. Промена на Заветот 7 Зашто, ако првиот завет беше без недостаток, тогаш немаше да се бара втор. 8 Но, укорувајќи ги, вели: „Ете идат денови, вели Господ, и со домот Израилев и со домот Јудин ќе склучам нов завет, 9 но не таков завет каков што склучив со татковците нивни во денот, кога ги фатив за рака за да ги изведам од земјата египетска, – зашто тие не останаа во Мојот завет и Јас ги оставив, вели Господ. 10 Но овој е заветот што ќе му го дадам на домот Израилев во оние дни, вели Господ: ќе ги врежам законите Свои во мислите нивни, и во срцата нивни ќе ги напишам, и ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ. 11 И ниеден нема да го учи својот ближен, и ниеден братот свој: ‚Познај Го Господа‘, зашто сите, од мал до голем меѓу нив, ќе Ме знаат, 12 бидејќи ќе бидам милостив кон нивните неправди, а за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да си спомнувам.“ 13 А кога вели „нов завет“, првиот го направи застарен; а она што е старо и застарено, близу е до исчезнување. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society