Евреите 2 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Нашето спасение 1 Затоа треба да бидеме нарочно внимателни кон она што го чувме за да не отпаднеме некако. 2 Зашто, ако реченото слово преку ангелите се покажа верно, и ако секој престап и секоја непослушност прими праведна казна, 3 како ли тогаш ќе се извлечеме ако занемариме такво големо спасение кое, најнапред проповедано од Господа, се потврди од оние што го беа чуле од Него, 4 кога и Бог им го потврди сведоштвото со знаци и чудеса, со разни силни дела и со раздавање дарови преку Светиот Дух по Негова волја. Предводникот на нашето спасение 5 Зашто Бог не им ја потчини на ангелите идната вселена за која зборуваме, 6 туку, напротив – некој посведочил зборувајќи: „Што е човекот да мислиш на него, синот човечки, та да се грижиш за него? 7 Си го направил за кратко малку подолен од ангелите, но со слава и чест си го овенчал и си го поставил над делата од Твоите раце; 8 сѐ си потчинил под нозете негови.“ А кога сѐ му потчини, ништо не му остави непотчинето; но сега уште не гледаме дека сѐ му е потчинето. 9 А гледаме дека Исус Христос, Кој за кратко време беше поставен пониско од ангелите, поради претрпената смрт беше овенчан со слава и чест, та, по Божјата благодат, Тој да вкуси смрт за сите. 10 Зашто Му прилегаше на Оној, поради Кого е сѐ и од Кого е сѐ, при донесувањето на многубројните чеда во слава, преку страдања да го усоврши Зачетникот на нивното спасение. 11 Бидејќи и Оној што осветува, и оние што се осветуваат, сите се од Еден; и затоа Исус не се срамува да ги нарече браќа, велејќи: 12 „Ќе го возвестам името Твое меѓу браќата Мои, среде собранието ќе Те славам.“ 13 И пак: „Јас ќе се надевам на Него.“ И одново: „Ете Ме Мене и децата Мои што Ми ги даде Бог.“ 14 А бидејќи децата се учесници во телото и крвта, така и Тој зеде еднакво учество во тоа, та преку смртта да го победи оној што ја има власта над смртта, односно ѓаволот; 15 па да ги ослободи оние што од страв пред смртта преку целиот живот беа подложени на ропство. 16 Зашто јасно е дека Тој не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авраамовите потомци; 17 затоа Тој мораше во сѐ да личи на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите на народот. 18 Зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society