Ефесјаните 5 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Да се живее во светлина 1 И така, угледајте се на Бога, како чеда возљубени, 2 и живејте во љубов, како што и Христос ве возљуби и за нас се предаде Себеси како принос и жртва на Бога за пријатен мирис. 3 А блудство и секаква нечистота или, пак, користољубивост воопшто да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светии, 4 ниту, пак, срамни и будалести зборови или двосмислени приказни, што се неприлични, туку само благодарност. 5 Зашто ова треба да го знаете: дека ниеден блудник, или нечист, или користољубец – кој е идолопоклоник, нема дел во царството на Христос и Бог. 6 Никој да не се мами со празни зборови; зашто поради нив доаѓа гневот Божји врз синовите на непокорноста; 7 затоа, не станувајте нивни соучесници. 8 Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господ: живејте како деца на светлината! 9 Зашто плодот на светлината се состои во сѐ што е добро, праведно и вистинито – 10 одлучете се за она што Му е мило на Бога! 11 Не учествувајте во бесплодните дела на темнината, туку изобличувајте ги! 12 Зашто за она што го прават скришум, срамно е и да се зборува. 13 А сѐ што е изобличено, светлината го прави јавно; бидејќи сѐ што е јавно, светлина е. 14 Затоа е речено: „Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!“ 15 Па така, внимавајте добро како живеете! Не како безумни, туку како мудри; 16 ползувајте го времето, зашто дните се лукави. 17 Затоа немојте да бидете неразумни, туку распознајте што е волјата Божја! 18 И не опивајте се со вино, во него има разврат, но исполнете се со Дух. 19 Разговарајте меѓу себе со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господа во срцата ваши; 20 благодарејќи Му секогаш за сѐ на Бога и Отецот, во името на нашиот Господ Исус Христос; Жени и мажи 21 покорувајте се еден на друг во страхопочит Божји. 22 Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господ, 23 зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на Црквата, и Тој е Спасител на телото. 24 Па, како што Црквата Му се покорува на Христос, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сѐ. 25 Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што Христос ја засака Црквата и се предаде Себе за неа, 26 за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото; 27 та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернување, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна. 28 И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; зашто, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси. 29 Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата, 30 бидејќи ние сме делови на Неговото тело, од Неговото тело и коските Негови. 31 „Поради тоа, човекот ќе го остави својот татко и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат едно тело.“ 32 Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христос и за Црквата. 33 И така, секој од вас да си ја сака жената своја, како што се сака самиот себе, а жената да го почитува мажот свој. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society