Online Bible

- Reklamy -

Броеви 9 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Денот за прослава на Пасхата

1 И му рече Господ на Мојсеј во Синајската Пустина во првиот месец од втората година, откако беа излегле од египетската земја, велејќи:

2 „Нека направат синовите израилски Пасха во определеното за неа време:

3 на четиринаесеттиот ден од тој месец вечерта направете ја во определеното време за неа; според сите про­писи пропишани и со сите обреди про­пишани за неа направете ја!“

4 И им рече Мојсеј на синовите израилски да направат Пасха.

5 И направија Пасха во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот вечерта, во Синајската Пустина: како што му заповеда Господ на Мојсеј, така и постапија во сѐ синовите на Израил.

6 А имаше луѓе, кои беа нечисти од допир до мртви човечки тела, па не можеа да направат Пасха во оној ден; и дојдоа тие луѓе во оној ден кај Мојсеј и Арон,

7 и му рекоа на Мојсеј: „Ние сме нечисти од допир до мртви човечки тела; зошто не ни дозволуваат и ние да му принесеме принос на Господ во определеното време меѓу синовите израилски?“

8 И им рече Мојсеј: „Почекајте да чујам, како ќе заповеда Господ за вас.“

9 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

10 „Кажи им на синовите на Израил: ако некој од вас или од потомците ваши биде нечист поради допир до мртво тело, или биде на долг пат, и тој нека направи Пасха Господова.

11 Таквите нека ја направат во четиринаесеттиот ден од вториот месец ве­черта и нека ја јадат со бесквасен леб и со горчливи тревки;

12 и да не оставаат од неа за утрешни­от ден и коските нејзини да не се кршат; нека ја направат според сите прописи за Пасха.

13 А оној што е чист, а не бил на (долг) пат и не направи Пасха, – да се истреби таа душа од народот свој, зашто тој не Му принесол дар на Господ во определеното време: грев ќе прими врз себе тој човек.

14 Ако при вас живее придојден и тој треба да направи Пасха Господова; спо­ред наредбата за Пасха и според обредот за неа тој треба да ја направи; еден закон нека постои за вас – и за придојден, и за тукашен.“


Облак врз светата скинија

15 Во оној ден кога беше поставена скинијата, облак ја покри скинијата на собранието, и од вечерта па до изутрина се гледаше нешто како оган над ски­нијата.

16 Така стануваше секогаш: облак ја покриваше дење и нешто како оган – ноќе.

17 И штом облакот ќе се кренеше од скинијата, синовите израилски тргнуваа на пат, и на местото, каде што облакот запираше, таму се сместуваа синовите израилски.

18 По заповед на Господ синовите на Израил тргнуваа на пат и по заповед на Господ застануваа: за сето време, додека облакот стоеше над скинијата, стоеја и тие;

19 и ако облакот долго време остануваше над скинијата, синовите израилски го набљудуваа тој Господов знак и не тргнуваа.

20 Понекогаш, пак, облакот малку време остануваше над скинијата: според знакот Господов тие се запираа и според знакот Господов тргнуваа на пат.

21 Понекогаш облакот стоеше само од вечерта до утрината, и наутро облакот се креваше, тогаш и тие тргнуваа; или облакот стоеше и дење и ноќе, и кога ќе се кренеше, тогаш и тие тргнуваа;

22 или ако два дена, или цел месец, или подолго време облакот остануваше над скинијата, тогаш и синовите изра­илски стоеја и не тргнуваа на пат; а ко­га ќе се издигнеше, тогаш тргнуваа.

23 На знакот Господов се запираа и според знакот Господов тргнуваа на пат; го следеа знакот Господов според заповедта на Господ, дадена преку Мојсеј.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy