Online Bible

- Reklamy -

Броеви 6 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Закон за назирството

1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

2 „Кажи им на синовите израилски и речи им: ако маж или жена даде завет за назирство и Му се посвети на Господ како назир,

3 тој треба да се воздржува од вино и од секаков друг алкохолен пијалак, и од вински оцет, и од оцет од друг алкохол, и не смее да пие ништо приготвено од грозје, а не смее да јаде ни свежо, ниту суво грозје;

4 во сите денови на својот завет тој не смее да јаде (и да пие) ништо, што е приготвено од грозје, – од семките до лушпите.

5 Во сите денови на неговиот завет за назирство брич не смее да ја допира главата негова; додека да минат де­новите, во кои Му се посветил на Господ како назир, тој е свет; треба да остави слободна да расте косата на неговата глава.

6 Во сите денови, во кои Му се пос­ветил на Господ, тој не смее да се до­ближува до мртво тело;

7 тој не смее да се осквернува ни со допир до таткото свој и мајката своја, до братот свој и сестрата своја, кога ќе ум­рат, зашто заветот на Бога е врз главата негова;

8 во сите денови на неговиот завет нека биде свет пред Господ.

9 Ако некој кај него умре ненадејно, и со тоа се оскверни неговата посвета во назирство, да ја истриже главата своја во денот на своето очистување, на седмиот ден да ја истриже,

10 а во осмиот ден да му однесе на свештеникот при влезот од скинијата на собранието две грлици или два млади гулаба.

11 Свештеникот да принесе една од птиците како жртва за грев, а другата за сепаленица, и ќе го очисти од осквернувањето со мртвото тело, и ќе ја ос­вети главата негова во тој ден,

12 и тој одново треба да ги почне на Господ посветените денови на своето назирство и да принесе едногодишно јагне како жртва за вина; поранешните, пак, денови да не се сметаат, зашто назирството негово било осквернето.

13 Ова е законот за назирот: во оној ден кога ќе завршат деновите на него­вото назирство, нека го доведат пред влезот од скинијата на собранието,

14 и тој да принесе жртва на Господ едно едногодишно машко јагне без не­достаток за сепаленица, и едно женско јагне без недостаток како жртва за грев и еден овен без недостаток како жртва за мир,

15 и кошница со лебови без квас од пченично брашно, и лебови месени со масло, и бесквасни питки помазани со масло и лебен принос со нив и прелив.

16 И свештеникот да го донесе тоа пред Господ и да ја принесе жртвата негова за грев и сепаленицата негова;

17 овенот да Му го принесе на Господ како жртва за мир заедно со кошницата бесквасни лебови; исто така свеште­никот да го принесе лебот и преливот за него.

18 А при влезот од скинијата на соб­ранието назирот да ја истриже својата посветена глава, и да ја стави косата од својата посветена глава на огнот, што е под жртвата за мир.

19 И да земе свештеникот една сварена плешка од овенот, една бесквасна питка од кошницата и еден леб и да ги стави во рацете на назирот, откако тој ќе ја истриже својата глава;

20 и да го издигне тоа свештеникот, нишајќи го пред Господ; тоа е светиња за свештеникот заедно со нишканите гради и издигнатата плешка. Потоа назирот може да пие вино.

21 Тоа е законот за назирот, кој Му се посветил на Господ, и жртвата што Му ја принесува на Господ за неговиот завет, без да се смета она, што може повеќе да даде: според заветот свој што го дал, така треба и да направи, заедно со озаконетото за неговото назирство.“


Начинот на благословување

22 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

23 „Кажи му на Арон и на синовите негови: така да ги благословувате синовите израилски и да им говорите:

24 да те благослови Господ и да те чува!

25 да погледне кон тебе Господ со свет­­лото Свое лице и да те помилува;

26 да го сврти Господ кон тебе лицето Свое и да ти даде мир!

27 Така да го повикувате името Мое над синовите Израилеви, и Јас ќе ги благословам.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy