Online Bible

- Reklamy -

Броеви 32 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Три колена се населуваат источно од Јордан

1 Рувимовите потомци и потомците на Гад имаа многу добиток; и тие видоа дека земјата Јазер и земјата Галаад се погодни места за стада.

2 И Гадовите потомци и Рувимовите потомци дојдоа и им кажаа на Мојсеј и на свештеникот Елеазар, и на кнезовите народни, велејќи:

3 „Атарот, Дивон, Јазер, Нимра, Есе­вон, Елале, Севам, Нево и Беон –

4 земјата, која Господ им ја предаде на синовите израилски, е земја за одгледување стада, а твоите слуги имаат стада.“

5 И рекоа: „Ако сме нашле милост во очите твои, дај им ја таа земја на твоите слуги во владение; не нѐ преведувај преку Јордан.“

6 И им рече Мојсеј на потомците на Гад и на Рувимовите потомци: „Браќата ваши ќе отидат во војна, а вие тука ли ќе останете?

7 Зошто го одвраќате срцето на синовите израилски да одат во земјата што Господ им ја дава?

8 Не направија ли така татковците ваши, кога ги испраќав од Ка­дис-Барнеа да ја видат земјата?

9 Тие отидоа до долината Ешкол и ја видоа земјата, и го одвратија срцето на синовите израилски, за да не отидат во земјата, која Господ им ја дава;

10 и во оној ден се разгори гневот на Господ и Тој се заколна, велејќи:

11 ‚И тие луѓе, што излегоа од Египет, од дваесет години и нагоре (кои знаат што е добро и што е зло), нема да ја видат земјата, за која им се бев заколнал на Авраам, Исак и Јаков, зашто тие не Ме послушаа,‘

12 освен Халев, синот на Јефуне, и Исус, синот Навинов, зашто тие Му се покоруваа на Господ.

13 И се разгоре гневот на Господ против Израил, и Тој ги водеше по пустината четириесет години; додека не изгина целиот род, кој беше направил зло пред Господ.

14 И ете, наместо татковците ваши, востанавте вие, изроди од грешници, за да го зголемите уште повеќе гневот на јароста Господова против Израил.

15 Ако се одвратите од Него, Тој пак ќе го остави Израил во пустината, и вие ќе го погубите сиот овој народ.“

16 И тие се приближија до него и ре­коа: „Ќе направиме тука кошари за на­шите стада и градови за нашите деца;

17 а самите ние први ќе се вооружиме и ќе одиме пред синовите израилски, додека не ги одведеме до местата нив­ни; нашите деца, пак, нека останат во утврдени градови, за да бидат во безо­пасност од месните жители;

18 нема да се вратиме во домовите на­ши сѐ додека не стапат синовите изра­илски – секој на својот дел;

19 зашто нема да земеме заедно со нив дел од онаа страна на Јордан и понатаму, ако ни се даде дел од оваа страна на Јордан, кон исток.“

20 Тогаш Мојсеј им рече: „Ако го направите тоа, ако отидете вооружени во војна пред Господ,

21 и секој од вас вооружен го мине Јордан пред Господ, додека не ги истреби Тој пред Себе Своите непријатели,

22 и кога земјата ќе биде покорена пред Господ, тогаш ќе се вратите и нема да бидете виновни пред Господ и пред Израил, и ќе ја владеете оваа земја пред Господ.

23 Но ако не постапите така, ќе згре­шите пред Господ и за гревот свој ќе претрпите казна, што ќе ве стигне.

24 Изградете градови за децата ваши и трла за добитокот ваш, и извршете го она, што го кажавте со устата своја!“

25 Тогаш потомците на Гад и на Рувим му рекоа на Мојсеј: „Слугите твои ќе направат така, како што заповеда гос­подарот наш;

26 децата, пак, наши, жените наши, стадата наши и сиот наш добиток нека останат тука во градовите на Галаад,

27 а слугите твои, сите вооружени и подготвени како војници, пред Господ ќе појдат во војна, како што вели нашиот господар.“

28 И Мојсеј им заповеда на свештени­кот Елеазар и на Исус, Навиновиот син, и на началниците над колената од сино­вите израилски,

29 и им рече: „Ако потомците на Гад и на Рувим го преминат заедно со вас Јор­дан, сите вооружени и подготвени за во­јување пред Господ, и ја покорите земјата пред вас, дајте им ја да ја владеат земјата Галаад.

30 Ако пак не тргнат заедно со вас вооружени (за војна пред Господ, тогаш испратете ги пред вас имотите нивни, нивните жени и нивниот добиток во ха­нанската земја и), нека и тие добијат дел, заедно со вас, во земјата хананска.“

31 Тогаш потомците на Гад и на Рувим одговорија и рекоа: „Како што ни запо­веда Господ на слугите твои, така и ќе направиме;

32 ние ќе тргнеме вооружени пред Господ за хананската земја, а дајте ни ја во владение наше оваа страна на Јор­дан.“

33 И им го даде Мојсеј – на потомците на Гад и на Рувим и на половината од коленото на Манасија, синот на Јосиф, – царството на Сион, аморејски цар, и царството на Ог, башански цар, земјата со градовите нејзини и околиите нивни, – градовите со земјата околу нив.

34 И тогаш потомците на Гад го из­градија Дивон, Атарот, Ароер,

35 Атрот-Шофан, Јазер, Јогбеха,

36 Бет-Нимра и Бет-Харан, градови утврдени, и огради за овци.

37 А потомците на Рувим ги изградија Есевон, Елале, Кирјатаим,

38 Нево, Ваал-Меон, чии имиња беа изменети, и Сивма; и им дадоа имиња на градовите, што ги изградија.

39 И отидоа потомците на Махир, Ма­насиев син, во Галаад, и го презедоа и ги протераа Аморејците, што живееја таму.

40 И им го даде Мојсеј Галаад на потомците на Махир, син Манасиев, и тие се населија таму.

41 Јаир, пак, потомок Манасиев, отиде и ги презеде селата нивни и ги нарече Јаирови села.

42 А Новах отиде и го зазеде Кенат и околните места, и го нарече според името свое: Новах.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy