Online Bible

- Reklamy -

Броеви 31 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Света војна против Мидјаните

1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

2 „Одмазди им се на Мидјаните поради синовите на Израил, и потоа ќе се прибереш при народот свој.“

3 И му рече Мојсеј на народот, ве­лејќи: „Вооружете меѓу вас луѓе за војна, за да тргнат против Мидјаните, да извршат одмазда Господова над нив;

4 испратете во војна по илјада од колено, од сите колена израилски.“

5 И од илјадниците израилски беа од­делени по илјада од секое колено, вкупно дванаесет илјади вооружени за војна.

6 И ги испрати Мојсеј во војна, по ил­јада од секое колено, а со нив и Финес, синот на свештеникот Елеазар, со светите утвари и со труби за тревога в рака.

7 И отидоа во војна против Мидјаните, како што му заповеда Господ на Мојсеј, и ги убија сите од машки пол;

8 а заедно со убиените од нив ги убија и мидјанските цареви: Евиј, Рекем, Цур, Ор и Рева – пет мидјански цареви; го убија со меч и Валаам, Беоровиот син.

9 Мидјанските, пак, жени и децата нивни синовите израилски ги зедоа во плен; и сиот нивни добиток, и сите стада нивни, и целиот имот нивни го заграбија;

10 сите градови нивни во нивно владение и сите села нивни со оган ги из­гореа.

11 И го зедоа сето заграбено, од човек до добиток.

12 И заробените, и пленот, и загра­беното го донесоа пред Мојсеј, пред свештеникот Елеазар и пред општес­твото на синовите израилски, во лого­рот на рамнините моавски, кај Јордан, спроти Ерихон.

13 Тогаш Мојсеј и свештеникот Елеа­зар и сите кнезови на општеството из­легоа надвор од населбата за да ги пречекаат.

14 И се разгневи Мојсеј на воените началници, илјадниците и стотниците, што се беа вратиле од војната,

15 па им рече: „Ги оставивте живи сите жени?

16 Ете тие, по советот на Валаам, беа станале причина синовите израилски да отстапат и да ги презрат наредбите од Господ, заради Фегор, затоа и дојде оној пораз врз народот Господов.

17 А сега, убијте ги сите деца од маш­ки пол, убијте ги и сите жени, што познале маж на машко легло;

18 а сите деца од женски пол, кои не познале машко легло, оставете ги живи за себе.

19 И останете надвор од населбата се­дум дена; сите, што убиле човек и што се допреле до убиен, да се очистат на третиот и на седмиот ден, вие и вашите заробеници;

20 очистете ја и сета облека, сите кож­ни предмети, сѐ што е направено од козина, и сите дрвени садови.“

21 Потоа им рече свештеникот Елеа­зар на борците, што беа отишле во војна: „Еве ги наредбите на законот, кои Господ му ги заповеда на Мојсеј:

22 злато, сребро, бакар, железо, калај и олово,

23 и сѐ што минува низ оган, поминете го низ оган, за да се очисти, а освен тоа, тоа треба да се очисти и со очистителна вода; а сѐ, што не минува низ оган, поминете го низ вода;

24 и облеката исперете ја на седмиот ден, и очистете се, и потоа влезете во населбата.“


Поделба на пленот

25 И му рече Господ на Мојсеј, ве­лејќи:

26 „Преброј го заграбеното, од човек до добиток, ти и свештеникот Елеазар и началниците од племињата на општес­твото;

27 и раздели го ограбеното по поло­вина, меѓу оние што војуваа, што одеа во борба, и целото општество.

28 А од борците, што беа во војна, зе­ми данок за Господ, по една душа на петстотини, од луѓето и од говедата, и од магарињата, и од ситниот добиток;

29 земи го тоа од нивната половина и дај му го на свештеникот Елеазар за вознесување пред Господ.

30 А од половината, определена за синовите израилски, земи по едно на педесет: од луѓето, од крупниот доби­ток, од магарињата, и од ситниот доби­ток, и дај им го тоа на левитите што служат при скинијата Господова.“

31 И направија Мојсеј и свештеникот Елеазар, како што му заповеда Господ на Мојсеј.

32 И пленот, што остана од грабежот, што го заграбија оние, кои беа отишле во војна, беше: ситен добиток – шестотини седумдесет и пет илјади,

33 крупен добиток – седумдесет и две илјади,

34 магариња – шеесет и една илјада,

35 луѓе – жени, кои не познале машко легло, сите беа триесет и две илјади души.

36 Половината, делот на оние, што беа отишле да се борат, според пребројувањето, беше: ситен добиток – триста триесет и седум илјади и петстотини глави.

37 На Господ од ситниот добиток Му се дадоа шестотини седумдесет и пет глави;

38 крупен добиток – триесет и шест илјади, и од тоа дар за Господ – седумдесет и две глави;

39 магариња – триесет илјади и петстотини, а дел од нив за Господ – шеесет и една глава;

40 луѓе – шеснаесет илјади, и данок од нив за Господ беше триесет и две души.

41 И му го даде Мојсеј дарот за вознесување пред Господ, на свештеникот Елеазар, како што му заповеда Господ на Мојсеј.

42 И од половината, определена за синовите израилски, што ја оддели Мојсеј од оние кои беа отишле во војната,

43 а половината како дел на општес­твото беше: ситен добиток – триста триесет и седум илјади и петстотини,

44 крупен добиток – триесет и шест илјади глави;

45 магариња – триесет и пет илјади и петстотини глави;

46 луѓе – шеснаесет илјади души.

47 Од таа половина, определена за синовите израилски, Мојсеј зеде педе­сетти дел од луѓето и од добитокот и им го даде тоа на левитите, што служеа при скинијата Господова, како што му заповеда Господ.


Доброволна жртва за Господ

48 И дојдоа кај Мојсеј началниците над илјадите од војската – илјадниците и стотниците,

49 и му рекоа на Мојсеј: „Твоите слуги ги преброија борците, што ни се доверени, и ниеден од нив не загинал.

50 Еве, Му донесовме принос на Гос­под кој што нашол – златни предмети, алки, гривни, прстења, обетки и вериш­ки, за да ги очистиме своите души пред Господ.“

51 И го зедоа од нив Мојсеј и свеш­теникот Елеазар златото на сите тие изработки.

52 И сето злато, донесено од илјадниците и стотниците за вознесување пред Господ, беше шеснаесет илјади седумстотини и педесет шекели.

53 Воините беа грабале секој за себеси.

54 И го зедоа Мојсеј и свештеникот Елеазар златото од илјадниците и стотниците и го внесоа во скинијата на собранието за спомен на синовите из­раилски пред Господ.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy