Online Bible

- Reklamy -

Броеви 30 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)

1 И им кажа Мојсеј на синовите израилски сѐ, што му беше запо­ведал Господ.


Закон за заветите

2 И им зборуваше Мојсеј на начални­ците од племињата на синовите израилски, велејќи: „Еве што заповеда Господ:

3 ‚ако некој Му вети нешто на Господ, или се заколне со клетва, и стави зарек на душата своја, да не го оскверни зборот свој, туку да изврши сѐ, што излегло од устата негова.

4 Ако жена даде завет на Господ и се зарече во татковата си куќа, во млади години,

5 а таткото нејзин го чуе заветот и зарекувањето нејзино, што го наложила на душата своја, па го премолчи таткото нејзин тоа, тогаш сите нејзини ветувања, и секое нејзино зарекување, што си го наложила на душата своја, да ги исполни;

6 ако таткото нејзин, кога ќе чуе, па ѝ забрани, тогаш сите нејзини завети, што си ги наложила на душата своја, да не се исполнуваат, и Господ ќе ѝ прости, бидејќи таткото ѝ ги забранил.

7 Ако се омажи, а е обврзана со завет, или се обврзала со збор, излезен од устата нејзина,

8 и чуе мажот нејзин, па, откако ќе чуе премолчи: заветите нејзини да се исполнат, и зареците нејзини, исто така да се исполнат;

9 ако мажот нејзин, кога ќе ги чуе, ѝ забрани и го отфрли заветот нејзин, што го дала, и зборот излезен од устата нејзина, со кој таа се обврзала (тие да не се исполнат, бидејќи мажот ѝ забранил), Господ ќе ѝ прости.

10 А заветот на вдовица и разведена, каков и да било зарек да си наложила на душата своја, да се исполни.

11 Ако жена се заветувала во куќата на мажот свој, или со клетва си наложила на душата своја зарек,

12 и мажот нејзин ја чул, а премолчал и не ѝ го забранил, тогаш сите завети нејзини да се исполнат, и секое зарекување, што го наложила на душата своја, да се исполни;

13 ако, пак, мажот нејзин, откако ги чул, ги отфрлил, тогаш сите завети нејзини, излезени од устата нејзина, и зарекувања на душата нејзина, да не се исполнат; мажот нејзин ги уништил, и Господ ќе ѝ прости.

14 Секој нејзин завет и секој клетвен зарек нејзин за смирување на душата своја, мажот нејзин може да го потврди, и мажот нејзин може да го отфрли.

15 Ако мажот нејзин молчел од ден на ден, тој со тоа ги потврдил сите ветувања нејзини и сите зарекувања нејзини, со кои се обврзала; ги потврдил, зашто, откако ги чул, молчел за тоа;

16 ако, пак, мажот ги отфрлил, откако ги чул, тој го примил врз себе гревот нејзин.‘“

17 Тоа се наредбите, кои Господ му ги заповеда на Мојсеј за односите меѓу мажот и жената негова, меѓу таткото и ќерката негова во млади години, во куќата на нејзиниот татко.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy