Броеви 3 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Задолженијата на Левиевото колено 1 Ова е родословот Аронов и Мојсеев, во оној ден кога му говореше Господ на Мојсеј на планината Синај. 2 Еве ги имињата на синовите Аронови: првенецот Надав, Авиу, Елеазар и Итамар. 3 Тоа се имињата на Ароновите синови, помазани за свештеници, кои тој ги посвети за да свештенодејствуваат. 4 Но Надав и Авиу умреа пред Господ, кога донесоа туѓ оган пред Господ во Синајската Пустина, а немаа деца; Елеазар, пак, и Итамар останаа како свештеници кај татко си Арон. 5 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 6 „Доведи го Левиевото племе и постави го при свештеникот Арон, за да му служат; 7 и тие нека му служат на него и на целото општество израилско при скинијата на собранието, извршувајќи ги службите при скинијата; 8 и да ги пазат сите сосуди во скинијата на собранието и да бидат на служба за синовите израилски во врска со сите работи што се вршат околу скинијата. 9 И дај му ги левитите на Арон, (твојот брат), и на синовите негови, (свештениците); нека им бидат тие дадени како дар од синовите израилски. 10 А Арон и неговите синови постави ги (над скинијата на собранието) за да ја чуваат својата свештеничка служба (и сѐ што е покрај жртвеникот и позади завесата); а ако некој надворешен се доближи, да биде убиен.“ 11 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 12 „Ете, Јас ги зедов левитите меѓу синовите израилски наместо сите првородени од синовите на Израил, што отвораат утроба (ќе бидат нивен откуп); левитите ќе бидат Мои, 13 бидејќи сите првородени се Мои; во денот, кога ги убив сите првородени во египетската земја, Јас ги осветив за Себе сите провородени во Израил – од човек до добиток: тие треба да бидат Мои. Јас сум Господ.“ Прво пребројување на Левиевото колено 14 И му рече Господ на Мојсеј во Синајската Пустина, велејќи: 15 „Преброј ги Левиевите синови според семејствата нивни и според родовите нивни; преброј сѐ од машки пол од еден месец, и нагоре!“ 16 И ги преброи Мојсеј (и Арон) според зборовите Господови, како што беше заповедано. 17 Еве ги Левиевите синови според имињата нивни: Гирсон, Каат и Мерариј. 18 А ова се имињата на Гирсоновите синови според родовите нивни: Ливниј и Семеј. 19 И синовите на Каат според родовите нивни: Амрам и Јицхар, Хеврон и Узиил. 20 И синовите на Мерариј според родовите нивни: Махлиј и Мушиј. Тоа се Левиевите родови според семејствата нивни: 21 Од Гирсон произлегува родот Ливниев и родот Семеиев: тоа се Гирсоновци. 22 Сите, изброени од машки пол, од еден месец и нагоре, беа седум илјади и петстотини. 23 Родовите на Гирсоновци беа сместени зад скинијата, откај запад. 24 Началник на поколението од Гирсоновите синови беше Елјасаф, син Лаелов; 25 на Гирсоновите потомци при скинијата на собранието им е доверено да ги пазат: скинијата и покривот нејзин, завесата при влезот во скинијата на собранието, 26 платништата околу дворот, завесата од влезот во дворот, што се околу скинијата и жртвеникот, со јажињата и другите нивни принадлежности. 27 Од Каат произлегува родот Амрамов и родот Јицахаров, и родот Хевронов и родот Узиилов: тоа се Каатовците. 28 Според пребројувањето сите од машки пол, од еден месец и нагоре, беа осум илјади и шестотини, кои го чуваа светилиштето. 29 Родовите на Каатовци да се сместат на јужната страна од скинијата; 30 а началникот на племето Каатовци беше Елицафан, синот Узиилов; 31 тие го чуваа ковчегот, трпезата, светилникот, жртвениците, свештените садови што се употребуваат при службата, и завесата со сите нејзини работи. 32 Главен началник на левитите беше Елеазар, син на свештеникот Арон; под негов надзор беа оние кои беа задолжени да го чуваат светилиштето. 33 Од Мерариј произлегува родот Махлиев и родот Мушиев; тоа се родови Мерариеви; 34 сите преброени од машки пол, од еден месец и нагоре, беа на број шест илјади и двесте; 35 началник на потомците на родот Мерариевци беше Цуриел, син на Авихаил; тие да се распоредат на северната страна од скинијата; 36 на Мерариевите синови им беше доверено да ги чуваат штиците од скинијата и пречниците нивни, столбовите и подножјата нивни, сиот прибор, и сите други нејзини принадлежности, 37 столбовите од дворот наоколу и подножјата нивни, колците нивни и јажињата нивни. 38 А од предната страна на скинијата, откај исток, пред скинијата на собранието сместени беа Мојсеј и Арон, и синовите негови, кои наместо синовите Израилеви, го пазеа светилиштето; ако, пак, некој друг се доближеше, беше убиван. 39 Сите изброени левити, што ги преброија Мојсеј и Арон по заповед на Господ, според родовите нивни, сите од машки пол, од еден месец нагоре, беа дваесет и две илјади. Откупот на првородените 40 И му рече Господ на Мојсеј: „Преброј ги сите првородени синови израилски од машки пол, од еден месец и нагоре, и преброј ги поименично; 41 и земи ги левитите за Мене, како замена за сите првородени од синовите на Израил, – Јас сум Господ – а добитокот на левитите место сиот првороден добиток на синовите израилски.“ 42 И ги преброи Мојсеј, сите првородени од синовите израилски како што му заповеда Господ; 43 и сите првородени од машки пол, според бројот на имињата, од еден месец и нагоре, беа дваесет и две илјади двесте седумдесет и три. 44 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 45 „Земи ги левитите место сите првородени од синовите на Израил, и добитокот на левитите, место нивниот добиток; левитите нека бидат Мои. Јас сум Господ. 46 А за откуп на двесте седумдесет и трите првородени синови израилски, со кои се надминува бројот на левитите, 47 земи по пет шекели за човек, според свештениот шекел земи; по дваесет гери во шекел; 48 и дај му го тоа сребро на Арон и на синовите негови, за откуп на оние, што го надминуваат нивниот број.“ 49 И го зеде Мојсеј среброто од откупот за оние, што го надминуваат бројот на заменетите со левити. 50 Од првородените израилски синови зеде сребро илјада триста шеесет и пет шекели, според свештениот шекел; 51 и среброто од откупот (за оние кои го надминуваа откупот) Мојсеј му го даде на Арон и на синовите негови според зборовите на Господ, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society