Online Bible

- Reklamy -

Броеви 27 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Наследното право на ќерките

1 И дојдоа ќерките на Салпаад, син на Хефер, кој беше син на Галаад, а тој – син на Махир, од поколението на Манасија, син Јосифов; и еве ги имињата на ќерките негови: Махла, Ноа, Хогла, Милка и Тирца;

2 и откако застанаа пред Мојсеј, пред свештеникот Елеазар, пред кнезовите и пред целото општество, при влезот од скинијата на собранието, рекоа:

3 „Таткото наш умре во пустината, и тој не беше меѓу соучесниците, што станаа против Господ заедно со луѓето на Кореј, туку умре поради свој грев, без синови.

4 Зошто да се загуби името на таткото наш меѓу племето негово поради тоа што нема син? Дајте ни дел меѓу браќата на таткото наш!“

5 И Мојсеј го изнесе прашањето нивно пред Господ.

6 А Господ му рече на Мојсеј:

7 „Право велат Салпаадовите ќерки; дај им наследствен дел меѓу браќата на таткото нивни и предај им го ним делот на нивниот татко,

8 а на синовите на Израил јави им и кажи: ако некој умре, и не остави син, предавајте го наследството негово на ќерките негови;

9 ако, пак, тој нема ќерки, давајте го неговиот дел на браќата негови;

10 ако нема браќа, дајте го неговиот дел на стриковците негови;

11 ако, пак, нема ни стриковци, дајте му го неговиот дел на најблискиот негов роднина од неговиот род; и нека биде тоа закон за синовите израилски, како што му заповедал Господ на Мојсеј!“


Исус посветен за наследник на Мојсеј

12 И му рече Господ на Мојсеј: „Изле­зи на планината Аварим и погледај ја земјата што им ја давам на синовите израилски;

13 и откако ќе ја погледаш, прибери се и ти при народот свој, како што се приб­ра Арон, братот твој на планината Ор;

14 зашто вие не ја послушавте запо­ведта Моја во пустината Син, кога меѓу општеството се појави расправија, да ја покажете пред очите нивни Мојата светост при водата. Тоа е водата Мерива кај Кадис, во пустината Син.“

15 И Му рече Мојсеј на Господ, ве­лејќи:

16 „Господ, Бог на духовите во сите тела, нека одреди над овој народ човек,

17 кој ќе ги управува, и кој ќе ги предводи во сите можни околности, та да не остане народот Господов како стадо без пастир.“

18 И му рече Господ на Мојсеј: „Земи го Исус, Навиновиот син, човек, во кого има Дух, и положи ја врз него раката своја.

19 Претстави го пред свештеникот Елеазар и пред целото општество, и дај му наредби пред целиот народ,

20 и дај му од славата твоја за да го слуша сиот народ на синовите израил­ски;

21 а тој да се обраќа до свештеникот Елеазар и да се допрашува до него за решенија преку рим пред Господ; и според зборот негов секогаш да поста­пуваат: тој и сите синови на Израил со него, и целото општество.“

22 И направи Мојсеј како што му заповеда Господ Бог, и го зеде Исуса, па го претстави пред свештеникот Елеазар и пред целото општество;

23 и ги положи врз него рацете свои и му даде совет, како што заповеда Господ преку Мојсеј.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy