Броеви 25 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Израилците се оддаваат на идолопоклонство 1 Израил живееше во Ситим и народот почна преку блуд да се осквернува со ќерките на Моав; 2 и тие го покануваа народот да присуствува на принесувањето жртви на идолите нивни, и народот ги јадеше жртвите нивни и им се поклонуваше на боговите нивни. 3 И му се приклони Израил на Ваал-Фегор. И се разгоре гневот Господов против Израил. 4 И му рече Господ на Мојсеј: „Земи ги сите началници народни и обеси ги пред Господ спроти сонцето, и ќе се одврати јаросниот гнев Господов од Израил.“ 5 Тогаш Мојсеј им рече на судиите израилски: „Секој нека ги убие своите луѓе, што му служат на Ваал-Фегор.“ 6 И ете, еден од синовите на Израил дојде и доведе кај еден од своите собраќа една Мидјанка, пред очите на Мојсеј, и пред очите на целото општество на синовите израилски, кога тие плачеа при влезот од скинијата на собранието. 7 Финес, синот на Елеазар, син на свештеникот Арон, кога го виде тоа, стана среде општеството и зеде во раката копје, 8 и влезе по Израилецот во блудилиштето и ги прободе и обајцата: Израилецот и жената во утробата нејзина; и престана поморот на синовите израилски. 9 А умрените од помор беа дваесет и четири илјади. 10 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 11 „Финес, синот на Елеазар, син на свештеникот Арон, ја одврати јароста Моја од синовите израилски, покажувајќи меѓу нив ревност за Мене, и Јас не ги истребив синовите на Израил во ревноста Своја. 12 Така кажи им: ете, Јас му давам мирен завет; 13 и тој ќе биде за него и за потомството негово по него завет на вечно свештенство, затоа што покажа ревност за својот Бог и Го омилостиви за синовите израилски.“ 14 Името на убиениот Израилец, кој беше убиен со Мидјанката, е Замвриј, син на Салу, началник на родот Симеоновци; 15 а името на убиената Мидјанка е Козби; таа беше ќерка на Цур, началник на едно од племињата на Мидјаните. 16 Пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 17 „Сметајте ги за непријатели Мидјаните и поразувајте ги, 18 зашто тие со подмолноста своја постапуваа непријателски спрема вас, соблазнувајќи ве со Фегор и со Козби, ќерката на мидјанскиот началник, нивна сестра, убиена во денот кога имаше помор поради Фегор.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society