Online Bible

- Reklamy -

Броеви 24 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)

1 Валаам виде дека на Господ Му е пријатно да го благословува Израил и не го бараше, како порано, на Божјото откровение, туку само го сврте лицето кон пустината,

2 и погледна Валаам и го виде Израил, како се беше сместил со племињата свои, а Духот Божји беше на него.

3 И започнувајќи ја својата беседа, рече: „Говор на Валаам, синот Беоров, говор на тој што ја гледа вистината.

4 Пророштво на оној, кој ги слуша зборовите Божји; оној кој ги гледа виденијата на Семоќниот, оној кој паѓа во екстаза и очите му се отвораат.

5 Колку се убави домовите твои, Јако­ве, и живеалиштата твои, о Израиле!

6 Тие се распростираат како потоци, како градини крај река, како миризливи дрвја насадени од Господ, како кедри крај вода;

7 се излева водата од ведрата негови, семето негово обилно е натопено, него­виот цар е поголем од Агаг, царството негово се воздига.

8 Бог го изведе од Египет; брзината на еднорогот е во него, ги проголтува на­родите што се против него, ги крши кос­ките нивни и со стрелите свои го по­разува (непријателот).

9 Легнал тој како лав и како леопард; кој ќе го разбуди? Благословен да биде, оној што те благословува и проклет – оној што те проколнува!“

10 Се разгневи Валак против Валаам, и плесна тој со рацете свои, па му рече на Валаам: „Јас те повикав да ги про­колнеш непријателите мои, а ти ги бла­гословуваш еве веќе по третпат;

11 бегај, пак, во земјата своја; јас сакав да ти искажам почит, но, ете, Господ те лишува од почестите.“


Валаам ја предвидува славната иднина на Израил

12 И му рече Валаам на Валак: „Нели им реков на твоите пратеници што ми ги испрати:

13 ‚Да ми ја дадеше Валак и куќата своја, полна со сребро и злато, не би можел да ја прекршам заповедта Гос­подова, за да направам нешто добро или лошо по своја волја: она што ќе ми рече Господ, тоа и ќе го кажувам?‘

14 И така, ете, јас си одам во своето место, но приближи се, за да ти кажам и да те посоветувам што ќе направи по извесно време овој народ со твојот народ.“

15 И го раскажа видението свое, велејќи: „Пророштво на Валаам, синот Беоров, пророштво на човекот со отво­рено око,

16 пророштво на оној кој ги слуша зборовите Божји, кој ги знае тајните на Севишниот, ги гледа виденијата на Се­моќниот, паѓа во екстаза и очите му се отвораат.

17 Го гледам, но не е тоа сега, го посматрам, но не одблиску. Ѕвезда од Јаков се издига и жезол од Израил; тој ќе ги поразува кнезовите моавски и ќе ги ништи сите Ситови синови.

18 И Едом ќе стане негов посед, а Сеир – негово наследство; Израил ќе ја покаже силата своја.

19 Произлезениот од Јаков ќе завладее и ќе ги погуби преживеаните од градот.“


Валаам ја објавува пропаста на непријателите на Израил

20 И погледна кон Амалик, и го кажа своето пророштво, велејќи: „Амалик е прв меѓу народите, но семето негово ќе се затре.“

21 И погледна кон Кениј, и пророкува, велејќи: „Силно е твоето живеалиште, на камен си го свил своето гнездо,

22 но тоа ќе биде изгорено, Асирците ќе те заробат.“

23 И (штом го виде Ог) пак го започна своето пророштво, и рече: „Тешко, тешко, кој ќе остане жив, кога Бог ќе го направи тоа.

24 Ќе дојдат бродови од брегот на Китим; ќе го потисне Ашур, ќе го пот­чини и Евер, но и него гибел го чека.“

25 И стана Валаам и се врати во местото свое, а исто така и Валак отиде по патот свој.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy