Броеви 23 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)1 Тогаш Валаам му рече на Валак: „Изгради ми овде седум жртвеници и приготви ми седум телиња и седум овни.“ 2 Валак направи така, како што рече Валаам; и принесоа Валак и Валаам по едно теле и по еден овен на секој жртвеник. 3 И му рече Валаам на Валак: „Застани при својата сепаленица, а јас ќе појдам; можеби ќе се јави Господ пред мене, и што ќе ми открие, ќе ти кажам.“ И замина на осамено место. 4 И му се јави Бог на Валаам, а Валаам Му рече: „Јас подигнав седум жртвеници и принесов по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.“ 5 И му вложи Господ збор во устата на Валаам и рече: „Врати се при Валак и речи вака.“ 6 И се врати при него, а тој стоеше при својата сепаленица, тој и сите моавски кнезови. 7 И ја изусти оваа своја песна: „Од Арам ме натера Валак да дојдам, од источните планини царот моавски ме повика: дојди, проколни ми го Јаков, и дојди, проколни ми го Израил! 8 Како да проколнам некого кога Бог не го проколнува? Како да прокажам некого кога Бог не прокажува?! 9 Од врвот на карпите го гледам, од ридовите го набљудувам: ете народ кој живее осамен и не се вбројува меѓу народите. 10 Кој ќе го изброи семето на Јаков и кој ќе го пресмета бројот на народот израилски. Да умре душата моја, како што умираат праведниците, и крајот мој да биде како нивниот!“ 11 И му рече Валак на Валаам: „Што ми направи? Јас те повикав да ги проколнеш непријателите мои, а пак ти, ете, ги благословуваш.“ 12 Тој одговори и рече: „Не требаше ли да го кажам токму она, што Господ го вложи во устата моја?“ Втор благослов на Валаам 13 И Валак му рече: „Дојди со мене на друго место, од каде што ќе видиш, но само дел од него ќе видиш, а нема целиот да го видиш; и проколни ми го оттаму.“ 14 И го одведе на едно стражарско место на врвот од Фазга, и изгради таму седум жртвеници, и принесе по едно теле и по еден овен на секој жртвеник. 15 И му рече Валаам на Валак: „Стој тука при сепаленицата своја, јас, пак, ќе одам да Го прашам Бога.“ 16 И го сретна Бог Валаам, и му вложи слово во устата негова, па рече: „Врати се кај Валак и кажи му така.“ 17 И се врати кај него, а тој стоеше при својата сепаленица, а заедно со него и сите моавски кнезови. И му рече Валак: „Што вели Господ?“ 18 Тој го започна своето кажување и рече: „Стани Валак, слушај и внимавај, сине Ципоров! 19 Бог не е човек, та да се колеба, ниту е син човечки, па да се изменува. Што ќе каже, па да не го изврши, или што ќе рече, па да не се збидне? 20 Ете, доведен сум да благословувам: ќе благословувам, и никако поинаку. 21 Не се гледа мака кај Јаков, и не се гледа несреќа во Израил; Господ Бог е со него, и борбениот царски повик е со него. 22 Бог го изведе од Египет: тој е брз како еднорог: 23 нема магии кај Јаков, нема волшепства во Израил; некогаш ќе речат за Јаков и за Израил: ете, што направи Бог! 24 Ете, еден народ се подигна како лавица и се исправи како лав; нема да легне, додека не го изеде пленот свој и додека не се напие од крвта на победените.“ 25 И му рече Валак на Валаам: „Ни со клетва не го проколнувај, ни со благослов не го благословувај.“ Трет благослов на Валаам 26 И одговори Валаам и му рече на Валак: „Нели ти реков – што ќе рече Господ, тоа и ќе го извршам.“ 27 И му рече Валак на Валаам: „Дојди, ќе те одведам на друго место; ќе Му биде секако угодно на Бога, и оттаму ќе ми го проколнеш.“ 28 И го поведе Валак Валаама на врвот од Фегор, што се протега спрема пустината. 29 И му рече Валаам на Валак: „Изгради ми овде седум жртвеници и приготви ми седум телиња и седум овни.“ 30 И Валак направи, како што му рече Валаам, и принесе по едно теле и по еден овен на секој жртвеник. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society