Online Bible

- Reklamy -

Броеви 13 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Извидници во земјата хананска

1 Потоа народот тргна од Хацерот и се улогори во пустината Фаран.

2 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

3 „Испрати од себе луѓе да ја разгледаат хананската земја, што Јас им ја давам на синовите израилски во владение: по еден човек од секое колено на предците нивни испратете – првенците меѓу нив!“

4 Тогаш Мојсеј ги испрати од пустината Фаран, по заповед Господова, и тие сите беа мажи, старешини на синовите израилски.

5 Еве ги имињата нивни: од Рувимо­вото колено – Шамуа, Закуровиот син;

6 од Симеоновото – Сафат, Хориевиот син;

7 од Јудиното колено – Халев, Јефу­неовиот син;

8 од Исахаровото колено – Јигал, Јоси­фовиот син;

9 од Ефремовото колено – Осија, На­виновиот син;

10 од Венијаминовото – Палтиј, Рафу­о­­виот син;

11 од Завулоновото колено – Гадиел, Содиевиот син;

12 од Јосифовото колено на синовите Манасиини – Гадиј, Сусиевиот син;

13 од Дановото колено – Амиел, синот на Гемалиј;

14 од Асировото колено – Сетур, Ми­хаиловиот син;

15 од Нефталимовото колено – Нах­биј, Вафсиевиот син;

16 од Гадовото колено – Геуел, Махие­виот син.

17 Тоа се имињата на мажите, што ги испрати Мојсеј да ја разгледаат земјата. И го нарече Мојсеј Осија, Навиновиот син, Исус.

18 Ги испрати Мојсеј (од пустината Фаран) да ја разгледаат хананската земја и им рече: „Одете во онаа пустина и качете се на планината,

19 и погледајте ја земјата каква е, и на­родот, што живее таму: силен ли е или е слаб, малуброен ли е или е многу­броен;

20 и каква е земјата, каде што живее тој, добра ли е или лоша; и какви се градовите, во кои живее, – оградени ли се или не.

21 Каква е земјата, плодна ли е или не, има ли на неа дрвја или нема? Бидете храбри, па земете од плодовите на земјата.“ А тоа беше во времето кога зрее грозјето.

22 Тие отидоа и ја разгледаа земјата од пустината Син дури до Рехов, близу до Емат;

23 и одејќи по пустината, тие стигнаа до Хеврон, каде што живееја Ахиман, Шешај, и Талмај, од родот на Анак; а Хеврон беше изграден седум години порано од египетскиот град Цоан;

24 и дојдоа до долината Ешкол (и ја разгледаа), и таму пресекоа прачка со еден грозд, и обајца ја понесоа на стап; зедоа и калинки и смокви;

25 тие го нарекоа тоа место Лозова долина (долина Ешкол), поради гроздот што го пресекоа таму синовите израилски.


Одговорот на Мојсеевите извидници

26 И откако ја разгледаа земјата, се вратија по четириесет дена.

27 И кога пристигнаа и дојдоа кај Мој­сеј и Арон и кај целото општество на синовите израилски во пустината Фа­ран, во Кадис, тие му донесоа таму и на целиот народ одговор, и им ги покажаа плодовите од онаа земја;

28 и му раскажаа и рекоа: „Бевме во земјата, во која нѐ испрати; во неа на­вис­тина тече мед и млеко, и еве ги плодовите нејзини;

29 но народот, кој живее во таа земја, е силен, и градовите се укрепени и мно­гу големи; таму ги видовме и потомците на родот Анаков.

30 Амалик живее во јужниот дел на земјата, а Хитијците, (Евејците), Јеву­сијците и Аморејците живеат по планината; Хананците, пак, живеат крај мо­рето и по брегот на Јордан.“

31 Но Халев го успокојуваше народот пред Мојсеј, велејќи: „Да појдеме и да ја преземеме, зашто можеме да ја покориме!“

32 А оние, што беа оделе заедно со него, рекоа: „Не можеме да одиме против тој народ, зашто е посилен од нас.“

33 И протурија ужасни гласови меѓу синовите израилски за земјата, што ја беа разгледале и велеа: „Земјата што ја изодивме, за да ја разгледаме, е земја, која ги голта своите жители, и сите, што ги видовме на неа, се многу поголеми.

34 И таму видовме огромни луѓе од потомците на родот Анаков; ние изгледавме пред нив како скакулци; такви бевме и во нивните очи.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy