Броеви 12 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Мирјам е казнета со болеста лепра 1 Тогаш Мирјам и Арон го прекоруваа Мојсеј поради жената Етиопјанка, што ја беше зел, зашто тој се беше оженил со Етиопјанка; 2 и рекоа: „Само на Мојсеј ли му зборува Господ? Не ни говореше ли Тој и нам?“ И Господ го чу тоа. 3 А Мојсеј беше најкроткиот човек меѓу сите луѓе на земјата. 4 И им рече Господ ненадејно на Мојсеј, на Арон и на Мирјам: „Излезете вие тројца пред скинијата на собранието!“ Тие излегоа и тројцата. 5 И слезе Господ во облаков столб, застана при влезот од скинијата на собранието, па ги повика Арон и Мирјам, и тие излегоа и двајцата. 6 И рече: „Чујте ги Моиве зборови: ако меѓу вас има пророк Господов, Јас му се откривам во видение, на сон говорам со него; 7 не е така, меѓутоа, со Мојот слуга Мојсеј, – тој е најверниот во целиот Мој дом: 8 Јас му говорам нему директно, и јавно, а не преку скриени зборови, и тој ја гледа славата Господова; а вие како не се исплашивте да го прекорувате Мојот слуга Мојсеј?“ 9 И се разгоре гневот Господов против нив, и Тој си отиде. 10 Се повлече и облакот од скинијата, и ете, Мирјам беше прокажена со лепра, бела како снег. Арон ја погледна Мирјам, и, ете, таа беше лепрозна. 11 И му рече Арон на Мојсеј: „Господаре мој, не ни го сметај за грев, тоа што постапивме неразумно и згрешивме, 12 не оставај таа да остане како мртвородено младенче, чие тело, кога излегува од мајкината утроба, до половина веќе е гнило.“ 13 И се обрати Мојсеј кон Господ, велејќи: „Боже, Ти се молам, исцели ја.“ 14 И Му рече Господ на Мојсеј: „Ако татко ѝ ја беше плукал во лице, не ќе требаше ли таа да се срамува седум дена?! И така, нека биде прогонета седум дена надвор од населбата, а потоа пак да се врати.“ 15 И престојуваше Мирјам надвор од логорот седум дена, и народот не тргна на пат, додека таа не се врати. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society