Online Bible

- Reklamy -

Авакум 3 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Пророковата молитва полна со радосна надеж

1 Молитвата на пророкот Авакум – за пеење.

2 Господи, чув за славата Твоја и се восхитувам на делото Твое. Повтори го во нашето време! Разгласи го во нашите дни! Во гневот Свој сети се на милост.

3 Бог дојде од Теман и Светецот од гората Фаран. Величието Негово ги покри небесата, и славата Негова ја исполни земјата.

4 Болскотот Му е како сончева свет­лина, а од рацете Негови зрачи, и ту­ка е скривалиштето на Неговата си­ла.

5 Пред лицето Негово врви чума, а по стапките Негови – грозница!

6 Тој стана и земјата се затресе; погледа – и во трепет ги доведе народите; одамнешни планини се распаднаа, првобитните ридови се урнаа; но патиштата Негови се вечни.

7 Натажени ги видов шаторите етиопски; се стресоа сениците на земјата мидјанска.

8 Зар против реките, Господи, пламнал гневот Твој? Зар против реките е Твоето негодување, или, пак, против морето е јароста Твоја – па си седнал на коњите Свои, на победничките бојни коли?

9 Ти го извади лакот Свој и со отровни стрели го затегна. Со реки ја сечеш земјата.

10 Кога Те видоа, планините затре­перија, водите навалија; бездната го пушти гласот свој и сонцето ги крена рацете свои.

11 Месечината застана на своето место пред болскотот на вперените стрели Твои, пред светкањето на сјај­ните копја Твои.

12 Во гнев одиш по земјата и во јарост ги газиш народите.

13 Ти излегуваш за спасение на на­ро­дот Твој, за спасение на помазаникот Свој. Ти ја поразуваш главата на не­честивиот дом, оголувајќи го од теме­лите до врвот.

14 Со копјата нивни Ти го прободе водачот нивни, кога како виор се спуштија да ме разбијат, радосни, зашто мислеа дека скришум ќе го проголтаат сиромавиот.

15 Газиш по морето со коњите Свои, преку длабините на големите води.


Односот на Авакум кон Божјата порака

16 Јас чув и внатрешноста моја затрепери, при гласот Твој затреперија и усните мои, болка почувствував во коските мои, и местото под мене трепери; ќе се успокојам кога ќе дојде несреќниот ден врз народот што нѐ угнетува.


Вера и во зло време

17 Макар и да не процути смоквата, а и да нема плод по лозите, макар ма­слината и да откаже, и нивата да не даде плод, макар и овците да не останат во трлото, па и рогат добиток во оборите да нема,

18 јас и тогаш ќе се радувам во Гос­под и ќе се веселам во Бога на моето спасение.

19 Господ Бог е мојата сила: Тој ќе ги направи нозете мои како на елен и ќе ме поведе по височините мои. На хороводителот: со жичени инструменти.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy