Амос 9 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Разрушување на храмот 1 Го видов Господа како стои на жртвеникот и вели: удри во горниот праг на вратата за да се растресат спојките и расцепи ги врз главите на сите нив, а другите од нив ќе ги убијам Јас со меч: никој од нив, кој бега, нема да избега, и никој од нив, кој сака да се спаси, нема да се спаси. 2 И да се закопаат во Подземјето, и оттаму раката Моја ќе ги извлече; и да се качат на небото, и оттаму ќе ги симнам. 3 Макар да се скријат и на врвот од Кармил, и таму ќе ги најдам и ќе ги фатам; па и да се сокријат и од очите Мои во морското дно, и таму ќе му заповедам на змејот морски да ги голтне. 4 И во плен, ако појдат пред непријателите свои, ќе му заповедам на мечот таму да ги убие. Ќе ги свртам врз нив очите Свои за нивно зло, а не за добро. Јахве е името Негово 5 Зашто Господ Бог Саваот ќе се допре до земјата, и таа ќе се растопи, и ќе се расплачат сите живи на неа; ќе се крене таа цела како реката Нил и ќе се спушти како реката египетска. 6 Тој ги изгради своите горни дворци на небесата и сводот Свој го зацврсти на земјата; ги повика морските води и ги изли по лицето на земјата; Јахве е името Негово. Господ е Бог 7 Вие, синови Израилеви, не сте ли за мене како синови етиопски, вели Господ, нели Јас го изведов Израил од земјата египетска и Филистејците – од Кафтор и Арамејците од Кир? 8 Ете, очите на Господ Бог се врз грешното царство, и Јас ќе го истребам од лицето на земјата, но домот на Јаков нема целосно да го истребам, вели Господ. 9 Зашто, еве, Јас ќе заповедам и ќе го распрснам домот Израилев по сите народи, како што се растураат зрната во решето, и ниедно не паѓа на земја. 10 Од меч ќе умрат сите грешници меѓу народот Мој, кои велат: „Нема да нѐ постигне и нема да дојде кај нас тоа зло!“ Божјо ветување за Израил 11 Во оној ден ќе ја подигнам паднатата скинија Давидова, ќе ги пополнам пукнатините нејзини, срушеното ќе го подигнам и ќе ја обновам, како во поранешните дни. 12 За да го завладее остатокот од Едом и сите народи, меѓу кои ќе се спомнува името Мое, вели Господ, Кој го врши сето тоа. 13 Ете, ќе настапат дни, вели Господ, кога орачот ќе го затече жетварот и оној што гази грозје – сејачот; и горите ќе пуштаат гроздов сок, и од сите ридови ќе потече. 14 Ќе ги вратам заробените на Мојот народ Израил; и пак ќе ги изградам запустените градови и ќе се населат во нив; ќе насадат лозја и ќе пијат вино од нив, и ќе направат градини и ќе јадат плодови од нив. 15 И ќе ги населам во земјата нивна и тие нема повеќе да бидат истргани од својата земја, која им ја дадов Јас, вели Господ, твојот Бог. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society