Online Bible

- Reklamy -

Амос 8 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Видение на кошница со плодови

1 Вакво видение ми откри Господ Бог: ете, кошница со зрели пло­дови.

2 И ми рече Тој: што гледаш, Амосе? Одговорив: кошница со зрели плодови. Тогаш Господ ми рече: му дојде крајот на Мојот народ Израил – нема повеќе да му проштевам.

3 Песните во храмот во оној ден ќе се претворат во плачење, вели Господ Бог; ќе има многу трупови, ќе ги фрлаат на­секаде молчешкум.


Суд за Израил

4 Чујте го ова, вие, што газите бедни и уништувате сиромаси,

5 вие, кои велите: кога ќе мине но­во­месечието, за да продаваме жито, и са­бо­та, за да ги отвориме житниците, да ја намалиме мерката, да ја зголемиме цената на шекелот и да измамуваме со лажни мерки,

6 да купуваме сиромаси со пари и бед­ни за чифт сандали, и да продаваме зас­тарено жито.

7 Се заколна Господ во гордоста на Ја­ков: навистина нема никогаш да забора­вам ниту едно од делата нивни!

8 Нема ли да се затресе земјата од тоа и нема ли да заплаче секој жител на неа? Таа целата ќе се подига како реката Нил и ќе се бранува и ќе се спушта како реката египетска.

9 И во оној ден, вели Господ Бог, ќе направам сонцето да зајде напладне и ќе ја помрачам земјата среде бел ден,

10 ќе ги претворам празниците ваши во тага и сите ваши песни – во плач; ќе ставам вреќишта на сите бедра и ќе­ла­вост – на секоја глава, и ќе создадам во земјата плач како за син единец, и крајот ќе ѝ биде како горчлив ден.

11 Ете, настапуваат дните, вели Гос­под Бог, кога ќе испратам на земјата глад, не глад за леб, не жед за вода, ту­ку жед за слушање зборови Господови.

12 И ќе талкаат од море до море, ќе скитаат од север до исток, барајќи го словото Господово, и нема да го најдат.

13 Во оној ден ќе премираат од жед убавите девојки и момчиња.

14 Оние што се колнат во гревот са­марјански и велат: жив е твојот бог, Дане, така да ни е жив и патот за Вирсавија! Тие ќе паднат и веќе нема да се кренат.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy