Online Bible

- Reklamy -

Амос 4 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


За Самарјанките

1 Чујте го ова слово, јуници ба­шански, вие, кои сте на Самарјанската Гора, вие, кои ги измачувате сиромаси­те, ги угнетувате бедните и им велите на своите мажи: „Донесете да пиеме!“

2 Се заколна Господ Бог во Својата светост дека, ете, ќе дојдат врз вас дни, кога ќе ве извлечат со куки и остатокот ваш – со јадици.

3 Па ќе излезете низ пукнатините на ѕидовите, секоја – како ќе може, и ќе би­дете фрлени кон Хармон, вели Господ.


Непослушниот Израил

4 Одете во Ветил и грешете, во Гил­гал и умножувајте ги престапите, принесувајте жртви секое утро, десетоци секој трет ден.

5 Принесувајте како благодарствена жртва леб со квас, објавете доброволни прилози и разгласувајте за нив, зашто вие тоа го сакате, синови Израилеви, вели Господ.


Божјите предупредувања до Израил

6 Затоа и ви дадов чисти заби во сите ваши градови и не­достиг од леб по сите ваши населби; но вие не се вративте кај Мене, вели Господ.

7 И ве лишив од дожд три месеци пред жетва; пуштав дожд врз еден град, врз друг град не пуштав; еден дел беше напојуван со вода, а другиот – ненаросен со дожд, и се исушуваше.

8 И се собраа два-три града во еден град, за да се напијат со вода и не можеа да се напијат до ситост; но и тогаш вие не се вративте кај Мене, вели Господ.

9 Ве казнував со суша и метлика по житата и во многу ваши градини и лоз­ја, а насадите со смокви и маслини ги ја­деа гасеници, и при сето тоа пак не се вративте кај Мене, вели Господ.

10 Ви праќав помор, како египетскиот, ги убивав со меч момчињата ваши, ги одведов коњите ваши во плен, и смрад во становите ваши се креваше во ноздрите ваши, и покрај сето тоа не се вративте кај Мене, вели Господ.

11 Ве сотирав, како што Бог ги раз­ру­ши Содом и Гомора, и вие бевте ис­трг­нати од огнот како гламна, но при сето тоа не се вративте кај Мене, вели Гос­под.

12 Затоа вака ќе постапам со тебе, Из­раиле; и бидејќи така ќе постапувам со тебе, приготви се да Го дочекаш твојот Бог, Израиле.

13 Зашто, ете, Оној, Кој образува гори и создава ветар и му ги објавува замислите Свои на човекот, утринската светлина ја претвора во мрак и оди ви­соко над земјата, Господ Бог Саваот е Неговото име.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy