Амос 3 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)1 Чујте го овој збор, што го кажа Господ против вас, синови на Израил, против целото племе, кое го изведов од земјата египетска, велејќи: 2 само вас ве признав од сите земни племиња, поради тоа и ќе ве казнам поради сите ваши беззаконија. Дело на пророк 3 Тргнуваат ли двајца заедно, ако не се договорат меѓу себе? 4 Рика ли лав во гора, кога нема пред него плен? Пушта ли глас лавче од својата пештера, ако ништо не уловило во неа? 5 Паѓа ли птица во мрежа на земја, кога нема мрежа за неа? Ќе се подигне ли од земјата стапица, ако не се фати ништо во неа? 6 Труби ли труба во град, а народот да не се уплаши? Се случува ли во градот зло, што не го дозволил Господ? 7 Зашто Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги – пророците. 8 Кога ќе зарика лав, кој нема да се исплаши? Господ Бог зборува – кој нема да пророкува? Суд за Самарија 9 Прогласете од тврдините на Ашдод и од покривите на земјата египетска и кажете: соберете се по горите на Самарија и погледајте го големото бесчестие во неа и насилствата во неа. 10 Тие не знаат да постапуваат справедливо, вели Господ: со насилие и грабеж собираат добра во дворците свои. 11 Затоа, вака вели Господ Бог: еве, непријателот ќе ја опколи земјата, одбраната ќе ти ја разбие и дворците твои ќе бидат ограбени. 12 Така вели Господ – како што понекогаш пастирот истргнува од лавовска уста две нозе или дел од увото, така ќе бидат спасени синовите Израилеви, кои сега седат во Самарија во аголот на постелата своја и во Дамаск на леглото свое. Жртвениците во Ветил 13 Слушајте и бидете сведоци против домот на Јаков, вели Господ Бог Саваот. 14 Зашто во оној ден, кога ќе го казнам Израил за престапите негови, ќе го казнам и за жртвениците во Ветил; ќе бидат отсечени роговите на жртвеникот и тие ќе паднат на земја. 15 Ќе го поразам зимскиот дом заедно со летниот дом, и ќе исчезнат домовите со украси од слонова коска, ќе снема многу домови, вели Господ. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society