Агеј 2 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Славата на идниот храм 1 Во седмиот месец, на дваесет и првиот ден од месецот, дојде слово Господово преку пророкот Агеј: 2 „Кажи им сега на Зоровавел, синот на Салатиил, управителот на Јудеја, и на Исус, Јоцадаковиот син, првосвештеникот, и на другиот народ: 3 Кој од вас што останавте, го видел овој храм во неговата поранешна слава, а како вие сега го гледате овој? Не е ли овој како ништо во вашите очи? 4 Но охрабри се сега, Зоровавеле, – вели Господ – ободри се, Исусе, сине Јоцадаков, првосвештенику, охрабрете се сите народи овде – вели Господ – и работете, зашто Јас сум со вас“, вели Господ Саваот. 5 „Како што ви ветив, кога излеговте од Египет, Мојот Дух ќе биде меѓу вас: не плашете се!“ 6 Зашто вака вели Господ Саваот – „Уште еднаш – и ете, скоро ќе се случи тоа – ќе ги затресам небото и земјата, морето и копното; 7 ќе ги стресам сите народи – и ќе дојде богатството на сите народи и ќе се исполни овој дом со слава“, вели Господ Саваот. 8 „Среброто е Мое и златото е Мое“ – вели Господ Саваот. 9 „Славата на овој нов храм ќе биде поголема отколку на поранешниот – вели Господ Саваот; и на ова место ќе му дадам мир“, вели Господ Саваот. Минатото и иднината 10 На дваесет и четвртиот ден од деветтиот месец, во втората година на Дариј, дојде слово Господово преку пророкот Агеј: 11 „Вака вели Господ Саваот – прашај ги свештениците за Законот и кажи – 12 ако некој би носел осветено месо во полата од облеката своја, и со полата би се допрел до леб, или до нешто варено или до вино, или до масло, или до какво и да е друго јадење, дали би се осветило тоа?“ Одговорија свештениците и рекоа: „Не.“ 13 Потоа пак рече Агеј: „Ако некој се осквернил, допирајќи мртовец и потоа би се допрел до тоа, дали би станало тоа нечисто?“ Одговорија свештениците и рекоа – „Ќе стане нечисто.“ 14 Тогаш рече Агеј – таков е и овој народ, такво е и ова племе пред Мене, вели Господ, и такви се сите дела на рацете негови! Па што и да принесувате, сѐ ќе биде нечисто. 15 А сега размислете за минатото и за иднината, кога уште не беше положен камен на камен во овој храм Господов, 16 како изгледавте? Доаѓавте до купче од дваесет мери, а имаше само десет; доаѓавте да црпите од каца со зафатнина од педесет мери, а имаше само дваесет мери. 17 Ве поразував со гламја и со млечка по житата и со град во секое дело на рацете ваши, но вие не се обративте кон Мене, вели Господ. 18 Размислете од денес за натаму, од дваесет и четвртиот ден во овој деветти месец, од денот кога беше основан храмот Господов; обратете ги срцата ваши: 19 Има ли уште во житниците семе? Досега ни лозата, ни смоквата, ни нарот, ни маслината не даваа плод; а од денес Јас ќе ве благословувам. Божјо Слово до Зоровавел 20 И дојде слово Господово до пророкот Агеј по вторпат на дваесет и четвртиот ден од месецот, и беше речено: 21 „Кажи му на Зоровавел, управителот на Јудеја: ќе го затресам небото и земјата; 22 ќе урнам престоли на царства незнабожечки, ќе превртам бојни коли и оние што ќе седнат во нив, и кутнати ќе бидат и коњите и коњаниците нивни ќе паднат, секој од мечот на својот другар. 23 Во тој ден, вели Господ Саваот, ќе те земам, Зоровавеле, сине Салатиилов, слуго Мој, вели Господ, и ќе те држам како печат, бидејќи те избрав.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society