Создавање 50 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Погребувањето на Јаков 1 Тогаш Јосиф падна врз лицето на својот татко, заплака над него, и го бакна. 2 И им заповеда Јосиф на лекарите, кои беа во негова служба, да го балсамираат таткото негов; и лекарите го балсамираа Израел. 3 И изминаа четириесет дена, зашто толку дни се потребни за балсамирање, и го оплакуваа Египќаните седумдесет дена. 4 Штом изминаа деновите на жалоста, им рече Јосиф на големците фараонови, велејќи: „Ако сум нашол милост пред вашите очи, зборувајте со фараонот и речете му: 5 ‚Таткото мој ме заколна, велејќи: – Еве, јас умирам. Во гробот мој, што го ископав во земјата хананска, таму да ме погребеш.‘ – Па сега би сакал да одам и да го погребам таткото мој, а потоа ќе се вратам.“ 6 А фараонот рече: „Оди и погреби го таткото твој, како што те заколнал.“ 7 Потоа отиде Јосиф да го погребе таткото свој. А со него појдоа и сите слуги фараонови, старешините на домот негов и сите старешини на земјата египетска, 8 и целиот дом Јосифов и браќата негови, и целиот дом на таткото негов. Само децата свои и ситниот и крупниот добиток свој ги оставија во земјата Гесем. 9 Со него тргнаа, исто така, коли и коњаници, така што погребната поворка беше многу голема. 10 А кога дојдоа во Горен Хатад, кој е од онаа страна на Јордан, заплакаа таму многу силно и жално. И Јосиф го оплакуваше својот татко седум дена. 11 А луѓето од онаа земја, Хананците, кога слушнаа плачење во Горен Хатад, рекоа: „Голема жалост имаат Египќаните.“ Затоа тоа место го нарекоа „Авел Мицраим“, што е отаде Јордан. 12 И направија синовите негови онака, како што им беше заповедал; 13 го однесоа синовите негови во земјата хананска, и го погребаа во пештерата на нивата Махпела, што ја беше купил Авраам од Хитиецот Ефрон, спроти Мамре, за да има гробница. 14 А Јосиф се врати во Египет, – тој и браќата негови, и сите, кои беа на погребот на неговиот татко. По смртта на Јаков 15 Кога видоа браќата Јосифови дека нивниот татко умре, си рекоа еден на друг: „Да не би да си спомне Јосиф за нашата омраза, па да ни се одмазди за сето зло, што му го направивме!“ 16 Затоа рекоа да му кажат на Јосиф: „Татко ти остави клетва пред да умре и рече – 17 ‚Вака кажете му на Јосиф: Прости им ги на браќата твои неправдата и гревот нивни, што ти ги направија.‘ И ете, сега прости им го гревот на слугите на татковиот ти Бог.“ А Јосиф заплака, кога му го рекоа тоа. 18 Потоа дојдоа пред него и рекоа: „Еве, ние сме слуги твои.“ 19 Јосиф им рече: „Не плашете се, зар сум јас наместо Бог? 20 Вие смисливте зло за мене, но Бог тоа го сврте на добро, за да се изврши она, што денес се случува: да се зачува животот на многу луѓе.“ 21 И им рече: „Не плашете се, јас ќе ве прехранам вас и вашите деца.“ Така ги утеши, зборувајќи им од срце. 22 И продолжи да живее Јосиф во Египет, тој и браќата негови и целиот дом на таткото негов: поживеа Јосиф сто и десет години. 23 И ги виде Јосиф синовите Ефремови до третото колено; а и синовите на Махир, синот Манасиев, се родија на колената Јосифови. 24 Тогаш им рече на браќата свои, велејќи: „Јас ќе умрам; но Бог ќе ве посети и ќе ве изведе од оваа земја во земјата, за која им се заколнал на Авраам, на Исак и на Јаков.“ 25 Па ги заколна Јосиф синовите на Израел и им рече: „Кога Бог ќе ве посети вас, вие тогаш понесете ги коските мои одовде со вас!“ 26 Јосиф умре на сто и десет години. Го балсамираа и го положија во ковчег во Египет. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society