Рута 4 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Вооз се зазема за наследството на Елимелех 1 Вооз излезе пред градските порти и таму седна. И ете, минува оној роднина, за кого говореше тој. И му рече: „Дојди и седни тука!“ Тој дојде и седна. 2 Вооз повика десет мажи од градските старешини и рече: „Седнете тука!“ И тие седнаа. 3 И Вооз му рече на роднината: „Ноемина, која се врати од моавските полиња, го продава делот од нивата, што му припаѓа на братот наш Елимелех; 4 јас решив да ти јавам и да ти кажам: ‚Купи го пред седнативе тука – старешините на мојот народ. Ако сакаш да го откупиш, откупи го; ако, пак, решиш да не го откупиш, кажи ми, за да знам, зашто, освен тебе, нема кој да го откупи, а по тебе сум јас.‘“ Тој одговори: „Јас ќе го откупам.“ 5 Вооз рече: „Штом ја откупуваш нивата од Ноемина, треба да ја земеш за сопруга и Моавката Рута, жена на умрениот, за да остане нивата во наследството на нејзиниот починат маж.“ 6 А оној роднина одговори: „Јас не можам да ја откупам, зашто ќе го растурам моето наследство; преземи го ти моето право на откупување, бидејќи јас не можам да ја земам.“ 7 Порано во Израел, кога се откупуваше и разменуваше нешто, заради потврдување на размената постоеше ваков обичај: едниот ја собуваше обувката своја и му ја даваше на другиот, и тоа служеше како сведоштво во Израел. 8 И оној роднина му рече на Вооз: „Откупи го ти!“ И ја собу обувката своја, и му ја даде. 9 И Вооз им кажа на старешините и на целиот народ: „Вие сте сега сведоци дека јас го купувам од Ноемина сето Елимелехово и сето Килионово и Малоново наследство; 10 исто така ја земам за жена и Моавката Рута, Малоновата жена за да го востановам името на умрениот во неговото наследство за да не исчезне името на умрениот меѓу браќата негови и од неговиот роден град; вие сте ми денес сведоци за тоа.“ 11 И сиот народ што беше при градските порти, и старешините рекоа: „Ние сме сведоци. Нека даде Господ, жената, која влегува во куќата твоја, да биде како Рахила и Лија, кои и обете го изградија домот Израелов; збогатувај се во родот Ефратов, и нека се слави името твое во Витлеем. 12 И со потомството, кое Господ ќе ти го даде од оваа млада жена, нека стане твојот дом како домот на Фарес, кого Тамара му го роди на Јуда.“ Вооз се жени со Рута; раѓањето на Овид 13 И Вооз ја зеде Рута, и таа му стана жена. И тој влезе кај неа, и Господ ѝ даде, та зачна и роди син. 14 И ѝ велеа жените на Ноемина: „Нека е благословен Господ, зашто не те остави денес без наследник! И нека биде славно името негово во Израел. 15 Тој ќе ти биде обнова на животот и прехрана во старите денови твои, зашто е рожба на снаата твоја, која те сака и која ти вреди повеќе од седум синови.“ 16 И Ноемина го зеде детето и го носеше во прегратките свои и се грижеше за него. 17 Сосетките му дадоа име, велејќи: „На Ноемина ѝ се роди син“, и го нарекоа Овид. Тој е татко на Јесеј, таткото Давидов. Список на Давидовите предци 18 А ова се потомците на Фарес: Фарес го роди Есром; 19 Есром го роди Арам; Арам го роди Аминадав; 20 Аминадав го роди Наасон; Наасон го роди Салмон; 21 Салмон го роди Вооз; Вооз го роди Овид; 22 Овид го роди Јесеј; Јесеј го роди Давид. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society