Online Bible

- Reklamy -

Проповедник 8 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)

1 Кој е како мудриот, и кој го разбира значењето на работите? Муд­роста на човек му го просветлува лицето негово, и строгоста на лицето негово се изменува.


Мудро е да се биде послушен спрема царот

2 Јас (велам): пази го царскиот збор, и тоа – поради клетвата пред Бога.

3 Не брзај да бегаш од лицето негово и не биди тврдоглав во лошите работи; зашто, тој што ќе посака, сѐ може да направи.

4 Каде што е зборот на царот, таму е и власта; и кој ќе му каже: „Што пра­виш?“

5 Кој пази заповед, тој не доживува никакво зло: срцето на мудриот знае и време и наредба;

6 зашто за секоја работа има свое вре­ме и свој суд; а за човекот е голема несреќа,

7 што не знае, што ќе биде и како ќе биде тоа; а кој ќе му каже?

8 Ниеден човек нема власт над духот, за да го задржи духот, и нема власт над смртниот ден – нема избавување од таа работа; ниту безбожникот ќе го спасат неговите лоши дела.


Размислувања за човековото однесување

9 Сето тоа го видов, и го свртувам срцето свое кон секоја работа, што се врши на земјата. Понекогаш човекот господари над човек на своја штета.

10 Видов тогаш како погребуваат без­божни; од нив беше преполн хра­мот. Во Ерусалим го беа заборавиле нивното безбожно однесување. И тоа е суета!

11 Бидејќи не се врши суд над лоши­те работи, затоа не се плаши срцето на си­новите човечки да прави зло.

12 Иако некој грешник врши сто­пати зло, судот му се одолжува; но јас знам дека ќе им биде добро само на оние, што имаат страв од Бога, кои со почит стојат пред лицето Негово;

13 а за безбожниот нема да има доб­ро, и како сенка, само кратко време, ќе преуспее оној, кој не се плаши пред Бога.

14 Има и таква суета на земјата: праведните ги постигнува она, што би ги заслужиле делата на безбожници­те, а со безбожните станува она, што би го заслужиле делата на праведните. А јас си реков: и тоа е суета!

15 И ја пофалив јас веселбата; зашто нема подобро за човекот на земјата од тоа да јаде, да пие и да се весели; тоа го придружува човекот во трудовите него­ви преку дните на животот негов, што му го дал Бог на земјата.

16 Кога го насочив срцето свое кон тоа, да постигнам мудрост и да ги разгледам работите, што се вршат на земјата, и поради кои на човекот не му доаѓа сон ни дење ни ноќе, –

17 тогаш ги видов сите дела Божји и разбрав дека човекот не може да ги сфати работите, што се вршат на земјата. Колку и да се труди човекот да ги проучува, пак нема да го постигне тоа. Дури и мудрец тоа не може да го открие, иако мисли дека знае.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy