Проповедник 6 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)1 Има едно зло, што го видов на земјата, и тоа често е меѓу луѓето: 2 Бог му дава на човекот богатство, имот и слава, и за душата негова нема скудности во ништо, што и да посака; но Бог не му дава нему да се ползува од тоа, туку се ползува од него друг човек: тоа е суета и тешко зло! 3 Ако некој изнароди сто синови, проживее многу години и уште му се умножат дните на животот негов, а душата негова не се насладила на добро, та за него ќе нема дури ни погреб, подобро му е, велам, на недоносче отколку нему, 4 зашто залудо дошло и отишло во темнина, и името му е покриено со мрак. 5 Тоа дури и не го видело и не го познало сонцето: но поспокојно е од оној. 6 А оној, макар да проживеал и две илјади години, без наслада од добрата, нема ли да појде сѐ на исто место? 7 Сиот труд на човекот е за устата негова, но душата негова не може да се насити. 8 А каква предност има умниот пред безумниот, каква – сиромавиот, кој умее да се однесува пред луѓето? 9 Подобро е да гледаш со очи, отколку да посакуваш со душата. И тоа е суета и мака за духот. Совети за мудрост 10 Она што постои, тоа е веќе наречено со име, и се знае дека е тоа – човекот, и дека тој не може да се препира со оној, што е посилен од него. 11 Има многу такви работи, што ја зголемуваат суетата: тогаш што е подобро за човекот? 12 Зашто, кој знае што е добро за човекот во животот, во текот на сите дни на неговиот суетен живот, што тој ги поминува како сенка? И кој ќе му каже на човекот, што ќе стане по него на земјата? |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society