Online Bible

- Reklamy -

Проповедник 10 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)

1 Мртвите муви го расипуваат и го усмрдуваат благопријатното масло на мироварец: истото го прави една мала глупост на уважуван човек за неговата мудрост и чест.

2 Срцето на мудриот се наклонува кон десно, а срцето на глупавиот – кон лево.

3 По каков и да било пат да оди глупавиот, кај него секогаш недостига ра­зум, и пред секого тој ќе се пока­жува дека е неразумен.

4 Ако гневот на оној што владее избув­не врз тебе, не напуштај го мес­тото свое, зашто кроткоста спречува големи грешки.

5 Има зло што сум го видел на земјата, како грешка што доаѓа од владетелот;

6 неразумниот се поставува на голема височина, а богатите седат ниско.

7 Сум видел слуги на коњи, а кнезови да одат пешки како слуги.

8 Кој копа јама, сам ќе падне во неа, и кој соборува ограда, змија ќе го касне.

9 Кој крева камења, може да се ши­не, и кој цепи дрва, може да се изло­жи на опасност од нив.

10 Ако отапи секирата, и ако сечи­лото нејзино не биде наострено, ќе треба повеќе сила; мудроста знае тоа да го поправи.

11 Ако змијата касне пред да биде убиена, тогаш каква е ползата за оној што ќе ја убие.


Не треба премногу да се зборува

12 Зборовите од уста на мудрец се бла­годат, а устата на безумниот са­миот не­го го погубува:

13 првите зборови од устата му се глупост, а крајот на речта на устата негова – лошо безумие.

14 Глупавиот зборува многу, а човекот и не знае што ќе биде; та и кој ќе му каже, што ќе биде по него?

15 Трудот на глупавиот го изморува, зашто не го знае дури ни патот за во градот.

16 Тешко тебе, земјо, кога царот твој е дете, и кога кнезовите твои уште од рано се гоштеваат!

17 Блазе тебе, земјо, кога царот ти е од род благороден, и кнезовите твои јадат навреме, за поткрепа, а не за преситување!

18 Од мрзливост ќе нависне таванот, и кога ќе се скрстат рацете, покривот ќе прокапе.

19 Гоштевања се приредуваат заради наслада и виното го весели животот; а сѐ прави среброто.

20 Дури и во мислите свои не навредувај го царот, и во спалната своја не го навредувај богатиот; зашто небес­ната птица може да го пренесе твојот збор, и сѐ што има крилја ќе го соопшти твојот збор.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy