Матеј 9 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Исус исцелува фатен човек ( Мк 2,1-12 ; Лк 5,17-26 ) 1 Тогаш Тој влезе во еден кораб, се врати назад и пристигна во Својот град. 2 И ете, донесоа кај Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му рече: „Не плаши се, чедо! Ти се простуваат гревовите твои!“ 3 Тогаш некои од книжниците си рекоа во себе: „Овој богохулствува!“ 4 А Исус ги разбра нивните мисли, и им рече: „Зошто мислите лошо во срцата ваши? 5 Или, што е полесно? Да кажам: ‚Ти се простуваат гревовите твои!‘ или да кажам: ‚Стани и оди!?‘ 6 Но да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови.“ Тогаш му рече на фатениот: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ 7 И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома. 8 А народот кога го виде тоа, се восхити и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето. Исус го повикува Матеј ( Мк 2,13-17 ; Лк 5,27-32 ) 9 А кога си одеше оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи во царинарницата и му рече: „Врви по Мене!“ И тој стана и тргна по Него. 10 И кога седеше Исус на трпеза дома, одеднаш мнозина цариници и грешници дојдоа и седнаа до Него и до учениците Негови. 11 Но штом го видоа тоа фарисеите, им рекоа на учениците Негови: „Зошто вашиот Учител јаде и пие со цариници и грешници?“ 12 А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните; 13 одете и научете се што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘. Зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.“ Прашања за постот. Старото и новото ( Мк 2,18-22 ; Лк 5,33-39 ) 14 Тогаш кај Него дојдоа учениците Јованови и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат!?“ 15 А Исус им рече: „Зар можат сватовите да бидат нажалени додека е со нив младоженецот? Но ќе дојде време кога младоженецот ќе се оттргне од нив, па тогаш и тие ќе постат. 16 Никој не крпи стара облека со нова крпа, зашто таа ќе се отшие од старото и отворот ќе биде поголем; 17 ниту, пак, се става ново вино во стари мевови; инаку, мевовите ќе напукнат, и виното ќе истече и мевовите ќе пропаднат; туку ново вино се става во нови мевови, па така ќе се запази и едното и другото.“ Чудата со болната жена и со ќерката на Јаир ( Мк 5,21-43 ; Лк 8,40-56 ) 18 Додека Тој им говореше за тоа, ете еден началник се приближи до Него, Му се поклонуваше и велеше: „Ќерка ми штотуку умре; туку дојди, положи ја раката Своја над неа и таа ќе оживее.“ 19 И како стана Исус, тргна по него, заедно со учениците Свои; 20 и ете, една жена, која беше страдала дванаесет години од крвавење, се приближи одзади и се допре до крајот на облеката Негова. 21 Зашто си велеше: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам.“ 22 А Исус штом се заврти и ја виде, рече: „Не плаши се, ќерко, верата твоја те спаси!“ И оздраве жената во тој час. 23 И кога дојде Исус во куќата на началникот и ги виде свирачите и народот ожалостени, 24 им рече: „Излезете надвор, зашто девојката не е умрена, туку спие.“ А тие Му се потсмеваа. 25 Но штом го истера народот, Тој влезе, ја фати девојката за рака и таа стана. 26 И се расчу тоа по целиот тој крај. Исус исцелува двајца слепи 27 А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по него двајца слепи и викаа: „Смилувај ни се, Исусе, сине Давидов!“ 28 А штом дојде в куќи, слепите се приближија до Него. И Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?“ Тие Му рекоа: „Да, Господи!“ 29 Тогаш се допре до очите нивни и рече: „Нека ви биде според верата ваша!“ 30 И очите им се отворија; а Исус им заповеда строго: „Гледајте, никој да не дознае!“ 31 А тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата таа земја. Исус исцелува нем човек ( Лк 11,14-15 ) 32 Додека тие излегуваа, ете, кај Него еден човек нем и бесомачен. 33 По изгонувањето на демонот, немиот проговори. А народот се чудеше и говореше: „Никогаш такво нешто не станало во Израел.“ 34 А фарисеите велеа: „Тој ги изгонува демоните со силата на началникот на демоните.“ Исус сочувствува со народот ( Мк 6,6-34 ; Лк 10,2 ) 35 И одеше Исус по сите градови и села и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието за Царството и лекуваше секаква болест и немоќ во народот. 36 А штом виде многу народ, се сожали, зашто беа изморени и беспомошни како овци без пастир. 37 Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а работници има малку. 38 Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society