Матеј 8 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Исус исцелува лепрозен ( Мк 1,40-45 ; Лк 5,12-16 ) 1 А кога се симна од гората, по Него врвеше многу народ. 2 И ете, се приближи еден лепрозен. Му се поклонуваше и говореше: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.“ 3 А Исус кога ја подаде раката, се допре до него и рече: „Сакам, очисти се!“ И тој веднаш се очисти од лепрата. 4 И му рече Исус: „Гледај, никому да не кажеш; а оди, покажи им се на свештениците и принеси дар, како што заповедал Мојсеј, ним за сведоштво.“ Верата на еден стотник ( Лк 7,1-10 ; Јн 4,43-54 ) 5 А кога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник и Го молеше говорејќи: 6 „Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда.“ 7 Исус му рече: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.“ 8 А стотникот одговори и рече: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави; 9 зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ и тој доаѓа; и на слугата: ‚Направи тоа!‘ и тој прави.“ 10 Кога го чу тоа, Исус се восхити и им рече на оние што врвеа по Него: „Вистина ви велам: ни во Израел не најдов толку голема вера. 11 И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, Исак и Јаков во царството небесно, 12 а наследниците на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“ 13 И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, нека ти биде според верата твоја!“ И слугата негов во истиот час оздраве. Исус исцелува мнозина ( Мк 1,29-34 ; Лк 4,38-41 ) 14 Кога дојде во домот на Петар, Исус ја виде тештата негова како лежи болна од треска, 15 и се допре до раката нејзина, и треската ѝ помина; таа стана и им служеше. 16 А кога се стемни, доведоа кај Него мнозина обземени од демони, и Тој со еден збор ги изгони духовите и ги излекува сите болни, 17 за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Тој врз Себе ги зеде нашите немоќи и ги понесе болестите.“ Колебливи следбеници ( Лк 9,57-62 ) 18 Кога виде околу Себе многу народ, им заповеда на учениците да минат на другата страна. 19 Тогаш се приближи до Исус еден книжник и му рече: „Учителе, ќе Те следам каде и да одиш.“ 20 А Исус му рече: „Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да наслони.“ 21 Друг, пак од учениците Му рече: „Господи, дозволи ми најнапред да отидам да го погребам татко ми.“ 22 Но Исус му рече: „Врви по мене, и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци!“ Исус смирува бура ( Мк 4,35-41 ; Лк 8,22-25 ) 23 И кога влезе во коработ, по Него влегоа и учениците Негови. 24 И ете, голема бура го зафати морето, така што брановите го покриваа коработ, а Тој спиеше. 25 Тогаш се приближија учениците до Него, Го разбудија и рекоа: „Господи, спаси нѐ, загинуваме!“ 26 А Тој им рече: „Зошто сте толку плашливи, маловерни?“ Потоа стана, им се закани на ветровите и на морето, и настана голема тишина. 27 А луѓето се зачудија и рекоа: „Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат?“ Исус ослободува од демони ( Мк 5,1-20 ; Лк 8,26-39 ) 28 И кога пристигна на другата страна во земјата Гергесинска, Го сретнаа двајца обземени од демони, кои излегоа откај гробиштата; беа толку лоши што никој не смееше да мине по тој пат. 29 И ете, извикаа и рекоа: „Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји!? Зар си дошол тука пред време да нѐ мачиш?“ 30 А недалеку од нив пасеа голем број свињи. 31 И демоните Го молеа и говореа: „Ако нѐ изгониш, дозволи ни да влеземе во свињине!“ 32 И Тој им рече: „Отидете!“ И тие излегоа и влегоа во свињите. И одеднаш сите свињи јурнаа низ стрмнината во морето и се издавија во водата. 33 А свињарите побегнаа и кога дојдоа во градот, раскажаа за сето тоа и за она што се беше случило со бесомачните. 34 И ете, излезе целиот град да Го пресретне Исус и кога Го видоа, Го замолија да си оди од нивниот крај. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society