Online Bible

- Reklamy -

Матеј 7 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Не судете, за да не ви се суди
( Лк 6,37-38 . 41-42 )

1 „Не судете, за да не бидете судени;

2 зашто, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка ме­ри­те, со таква и ќе ви се мери.

3 Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а гредата во своето око не ја чувствуваш?

4 Или, како ќе му кажеш на твојот брат: ‚чекај да ти ја извадам раската од око­то‘, кога во твоето око има греда?

5 Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат!


Бисер пред свињите

6 Светото не давајте им го на кучи­ња­та, и не фрлајте си го бисерот пред свињите, за да не го изгазат со своите нозе, и, да се вратат, и да ве раскинат.“


Молете, барајте, чукајте
( Лк 11,9-13 )

7 „Посакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори;

8 зашто секој што моли, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука ќе му се отвори.

9 Има ли меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, ќе му даде ка­мен,

10 и кога ќе посака риба, ќе му даде змија?

11 И така, ако вие кои сте лоши, уме­ете да им давате на своите чеда добри дарови, колку ли повеќе вашиот Отец не­бесен ќе им даде добра на оние што Му бараат?


За ближниот
( Лк 6,31 )

12 Сѐ она што сакате да ви прават лу­ѓето, правете им го и вие; зашто тоа е Законот и пророците.“


Тесната врата
( Лк 13,24 )

13 „Влезете низ тесната врата; зашто широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив;

14 а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина ги наоѓаат.“


Какво дрво, такви плодови
( Мт 12,33 ; Лк 6,43-44 )

15 „Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а одвнатре се волци грабливи.

16 По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка?

17 Па така, секое добро дрво дава доб­ри плодови, а лошо дрво дава лоши пло­дови;

18 не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови.

19 Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган.

20 И така, по нивните плодови ќе ги познаете.“


Вистинските ученици
( Лк 6,46 ; 13,25-27 )

21 „Не секој што Ми вели: ‚Господи, Господи‘, ќе влезе во царството не­бесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен.

22 Мнозина ќе Ми речат во оној ден ‚Господи, Господи, нели во Твое име пророкувавме? И зар во Твое име де­мо­ни не изгонувавме? И нели во Твое име многу чуда правевме?‘

23 И тогаш Јас ќе им кажам: ‚Ни­ко­гаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!‘“


Градба на камен или на песок
( Лк 6,47-49 )

24 „И така, секој што ги слуша и ги ис­полнува овие Мои зборови, ќе биде како мудар човек кој си изградил куќа на камен.

25 И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, зашто беше изградена на камен.

26 А секој, што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на глупав човек, кој си изградил куќа на песок.

27 И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше страш­но.“


Власта на Исус
( Мк 1,22 ; Лк 4,32 )

28 И кога ги заврши овие зборови, на­родот се чудеше на Неговото учење,

29 зашто Тој ги поучуваше како Оној Кој има власт, а не како книжниците.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy