Online Bible

- Reklamy -

Матеј 6 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


За милостината

1 „Гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето само за да бидете забележани; инаку, нема да имате награда од вашиот Отец небесен.

2 И така, кога даваш милостина не разгласувај, како што прават лицеме­рите по синагогите и по улиците, за да ги фалат луѓето. Навистина ви велам, тие веќе ја добиле својата награда.

3 А ти, кога даваш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната,

4 за да биде твојата милостина тајна; и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.“


За молитвата

5 „И кога се молиш, не биди како ли­цемерите, кои сакаат да стојат по синагогите и крстопатите за да се молат и да се покажуваат пред луѓето. Вистина ви велам, тие веќе си ја добиле својата на­града.

6 Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затво­риш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Тој, Кој гледа тајно, ќе те награди (јавно).

7 Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многубројни зборови ќе бидат услишени;

8 вие, пак, немојте да бидете како нив, зашто вашиот Отец небесен знае од што имате потреба уште пред да Го по­молите.


‚Оче наш‘
( Лк 11,2-4 )

9 Туку молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое;

10 да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата;

11 лебот наш насушен дај ни го денес;

12 и прости ни ги долговите наши, ка­ко што и ние им ги проштеваме на на­шите должници;

13 и не воведувај нѐ во искушение, но из­бави нѐ од лукавиот, (зашто Твое е цар­ството, и силата, и славата во сите ве­ко­ви. Амин!).

14 Бидејќи, ако им ги простите на лу­ѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен.

15 Ако, пак, не им ги простите гре­во­вите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите.“


За постот

16 „Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата нажалени за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви ве­лам дека тие веќе ја добиле својата на­г­рада.

17 А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое,

18 па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.“


За богатството на небото
( Лк 12,33-34 )

19 „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата, и ка­де што крадците ги поткопуваат и крадат;

20 но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ни­ту крадат.

21 Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше.“


Светлина за телото
( Лк 11,34-36 )

22 „Светило за телото е окото. И та­ка, ако твоето око биде здраво и целото твое тело ќе биде светло;

23 ако, пак, твоето око биде лошо, це­лото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?“


Или Бог или богатство
( Лк 16,13 ; 12,22-31 )

24 „Никој не може да им слугува на двајца господари: зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамон.


За грижите
( Лк 12,22-31 )

25 Затоа ви велам: немојте да се гри­жите за вашата душа – што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се облечете. Зар не чини вашата душа повеќе од храната, и телото – од облеката?

26 Погледнете ги птиците небески: тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат, но вашиот небесен Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив?

27 А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакт?

28 Зошто се грижите и за облеката? Погледнете ги полските кринови како растат! Не се трудат, ниту предат;

29 но ви велам дека ни Соломон, во це­лата своја слава не се облече така, како еден од нив.

30 Па, ако полската трева, што денеска ја има, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе ќе сто­ри за вас, маловерни!?

31 Па затоа, не грижете се и не гово­рете: ‚што да јадеме, или што да пиеме‘, или ‚во што да се облечеме?‘

32 Зашто сето тоа го бараат незна­бош­ците, а вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба.

33 Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придодаде.

34 И затоа, немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето; на секој ден доволна е негова­та неволја.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy