Online Bible

- Reklamy -

Матеј 5 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Беседа на гората
( Мк 3,13 ; Лк 6,12–13,20 )

1 Кога го виде народот, Тој се искачи на гората. И штом седна, уче­ни­ци­те Негови се приближија до Него.

2 И откако ја отвори устата Своја, ги поу­чуваше и говореше:


Блаженства
( Лк 6,20-26 )

3 „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!

4 Блажени се оние што плачат, зашто тие ќе се утешат!

5 Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!

6 Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат!

7 Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!

8 Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!

9 Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!

10 Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно!

11 Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонуваат и кога лажно ќе говорат против вас секакви лоши зборови – за­ради Мене!

12 Радувајте се и веселете се, зашто го­лема е вашата награда на небесата! Та­ка ги гонеа и пророците што беа пред вас.“


Сол и светлина
( Мк 9,50 ; Лк 14,34-35 )

13 „Вие сте солта на земјата. Но, ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се со­ли? Таа веќе не е за ништо, освен да се фрли надвор и изгази од луѓето.

14 Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина.

15 Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи.

16 Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен!“


Исус и Законот

17 „Немојте да мислите дека сум до­шол да го поништам Законот или Про­роците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам.

18 Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата, ниту една бук­вичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ!

19 И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе се нарече најмал во царството небесно, а оној што ќе ги исполни и поучи, тој ќе се нарече голем во цар­ството небесно.

20 Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книж­ниците и фарисеите, вие нема да влезете во царството небесно!“


За гневот и помирувањето
( Мк 11,25 ; Лк 12,57-59 )

21 „Сте слушале дека им било речено на старите: ‚Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде осуден пред судот.‘

22 Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си (без причина), ќе биде осуден пред судот; а оној што ќе го на­рече брата си ‚празноглав‘, ќе биде осуден пред врховниот суд; оној, пак, што ќе рече ‚будала‘, ќе биде осуден за во пеколот.

23 И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе,

24 тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот.

25 Измири се со противникот твој на­време, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата – на служителот и да бидеш фрлен в затвор;

26 вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, сѐ додека не ја дадеш и последната пара.“


За прељубата и соблазната
( Мт 18,8-9 ; Мк 9,43 . 47-48 )

27 „Сте слушале дека на старите им било речено: ‚Не прељубодејствувај!‘

28 Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе из­вршил прељуба со неа во срцето свое.

29 Ако те наведува на грев десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот.

30 И десната рака, ако те наведува на грев, исечи ја и фрли ја од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел, от­колку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.“


За разводот
( Мт 19,9 ; Мк 10,11-12 ; Лк 16,18 )

31 „Речено било исто така: ‚Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.‘

32 А Јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој ќе се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува.“


За заклетвите

33 „Сте го слушале уште и тоа дека им било речено на старите – ‚Не колни се криво, а заклетвите пред Господ исполнувај ги.‘

34 Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто – ниту во небото, зашто тоа е престол Божји;

35 ниту во земјата, зашто таа е под­ножје на нозете Негови; ниту во Еру­са­лим, зашто е град на великиот Цар.

36 Не колни се ни во главата своја, за­што не можеш ниту едно влакно од ко­сата своја да направиш бело или цр­но.

37 Но зборот ваш да биде: ‚да‘, ‚да‘, или ‚не‘, ‚не‘, а сѐ што е повеќе од тоа, од лукавиот е.“


За одмаздувањето
( Лк 6,29-30 )

38 „Сте слушале дека е речено: ‚Око за око, заб за заб.‘

39 Јас, пак, ви велам: не противете се на лукавиот. Ако некој те удри по дес­ниот образ, заврти му го и другиот.

40 А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и на­метката.

41 И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две.

42 На оној што бара од тебе, дај му, и не одбивај го оној што ти сака нешто на заем.“


Љубов кон непријателите
( Лк 6,27-28 . 32-36 )

43 „Сте слушале дека е кажано: ‚Љуби го својот ближен, а мрази го неприја­те­лот.‘

44 А јас, пак, ви велам: љубете ги не­пријателите свои, (благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат) и молете се за оние што ве (навредуваат и) гонат,

45 за да бидете синови на Вашиот Отец небесен; зашто Тој го остава Сво­ето сонце да грее и над лошите и над добрите, и им праќа дожд и на праведните и на грешните.

46 Зашто, ако ги сакате оние што вас ве сакаат, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и цариниците?

47 И, ако ги поздравувате само бра­ќа­та свои, што особено правите? Не пос­та­пуваат ли така и незнабошците?

48 Но бидете совршени како што е со­вршен вашиот Отец небесен.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy