Матеј 3 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Јован го повикува народот на покајание ( Мк 1,1-6 ; Лк 3,1-14 ; Јн 1,19-28 ) 1 Во тие дни дојде Јован Крстител, кој проповедаше во Јудејската пустина 2 и говореше: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно.“ 3 Зашто ова е, навистина, Оној за Кого говореше пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној, што вика во пустината: ‚Пригответе го патот на Господ и исправете ги патеките Негови!‘“ 4 А Јован носеше облека од камилски влакна и кожен појас околу слабините, а храната му се состоеше од скакулци и див мед. 5 Тогаш од Ерусалим и цела Јудеја и од целиот Јордански крај доаѓаа кај него 6 и се крштаваа од него во реката Јордан, исповедајќи ги своите гревови. 7 А штом виде Јован дека кај него доаѓаат мнозина фарисеи и садукеи за да се крстат, им рече: „Рожби змиини! Кој ви кажа да бегате од гневот што иде? 8 Направете плод достоен за покајание 9 и немојте да говорите во себе: ‚Наш татко е Авраам‘, зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да му подигне чеда на Авраам. 10 Секирата веќе лежи до коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган. Крштавање со вода и крштавање со Светиот Дух ( Мк 1,7-8 ; Лк 3,15-18 ) 11 Јас ве крштавам со вода за покајание, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и со оган. 12 Лопатата е во рацете Негови и Тој ќе го очисти гумното Свое и ќе Си го прибере житото во амбар, а плевата ќе ја изгори со оган што не гасне.“ Исусовото крштавање ( Мк 1,9-11 ; Лк 3,21-22 ) 13 Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан кај Јован за да биде крстен од него. 14 А Јован Го одвраќаше, велејќи: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти кај мене ли доаѓаш!?“ 15 Но Исус му одговори и рече: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда.“ Тогаш Јован се сложи. 16 И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата и Го виде Духот Божји како слегува како гулаб и се спушта над Него. 17 И ете, глас од небесата говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society