Матеј 28 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Исусовото воскресение ( Мк 16,1-10 ; Лк 24,1-12 ; Јн 20,1-10 ) 1 Кога измина саботата, на осамнување во првиот ден на седмицата, дојдоа Марија Магдалена и другата Марија да го видат гробот. 2 И ете, стана голем потрес; ангел Господов слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот од гробната врата и седна на него; 3 лицето му беше како молња, а алиштата – бели како снег; 4 а стражарите, уплашени од него, трепереа и беа како мртви. 5 Ангелот им се обрати на жените и им рече: „Не плашете се; знам дека Го барате Исус распнатиот; 6 не е овде, воскресна, како што беше рекол; дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ, 7 па отидете бргу и кажете им на учениците Негови дека Тој воскресна од мртвите. И ете, ќе отиде пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите. Ете, ви кажав.“ 8 И излегоа брзо од гробот, со страв и голема радост и отрчаа да им соопштат на учениците Негови. 9 Кога одеа да им јават на Неговите ученици, Исус, ги пресретна и им рече: „Радувајте се!“ А тие се приближија, ги гушнаа нозете Негови и Му се поклонија. 10 Тогаш Исус им кажа: „Не плашете се; одете и соопштете им на браќата Мои, да отидат во Галилеја, и таму ќе Ме видат.“ 11 Кога одеа тие, ете, некои од стражарите, влегувајќи в град, им кажаа на првосвештениците за сето она што беше станало. 12 И тие, кога се собраа со старешините и се посоветуваа, им дадоа многу пари на војниците, 13 велејќи: „Кажете дека: ‚учениците Негови дојдоа и Го украдоа кога ние спиевме;‘ 14 и, ако за тоа чуе управникот, ние ќе го смириме и ќе направиме и вам ништо да не ви се случи.“ 15 А тие ги зедоа парите и направија, како што беа научени. И тој глас се пренесува меѓу Јудејците и до денес. Исус им се јавува на Своите ученици ( Мк 16,14-18 ; Лк 24,36-49 ; Јн 20,19-23 ; Дела 1,6-8 ) 16 А единаесетте ученици отидоа во Галилеја, на гората, каде што им беше заповедал Исус; 17 па, штом Го видоа, Му се поклонија; а некои се посомневаа. 18 А Исус, кога се приближи, проговори и рече: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. 19 Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, 20 и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society