Online Bible

- Reklamy -

Матеј 27 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Исус пред Пилат
( Мк 15,1 ; Лк 23,1-2 ; Јн 18,28-32 )

1 А кога се раздени, сите првосвештеници и старешини напра­ви­ја договор против Исус за да Го убијат;

2 и откако Го врзаа, Го одведоа и Го предадоа на управникот Понтиј Пилат.


Самоубиството на Јуда
( Дела 1,18-19 )

3 Тогаш Јуда, што Го предаде, кога виде дека е Тој осуден, се покаја и им ги врати триесетте сребреници на прво­свештениците и старешините,

4 велејќи им: „Згрешив, зашто пре­да­дов невина крв!“ А тие му одговорија: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти!“

5 Тој ги фрли сребрениците во хра­мот, излезе и отиде, та се обеси.

6 Првосвештениците ги собраа сре­бре­ниците и рекоа: „Не чини да се стават во црковната каса, бидејќи се пла­те­ни за крв.“

7 Откако се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за да погребуваат во неа луѓе од други места.

8 Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива.

9 Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија: „И ги зедоа три­е­сет­те сребреници, цената на Непроцен­ли­виот, Кого Го оценија синовите Израе­л­ови,

10 и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ.“


Пилат Го сослушува Исус
( Мк 15,2-15 ; Лк 23,2-5 . 13-25 ; Јн 18,28–19,16 )

11 И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Исус му одговори: „Ти ве­лиш.“

12 И кога Го обвинуваа прво­свеш­те­ни­ци­те и старешините, Тој ништо не одговараше.

13 Тогаш Пилат Му рече: „Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?“

14 И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу.

15 А на секој празник Пасха управ­ни­кот имаше обичај да му пушта на народот по еден затвореник, кого што би го побарале.

16 Тогаш тие имаа еден прочуен зат­вореник, по име Варава.

17 И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исус, наречен Христос?“

18 Зашто знаеше дека Го беа предале од завист.

19 Во тоа време, кога тој седеше во су­дот, жена му порача да му кажат: „Не прави му ништо на Тој Праведник, заш­то денеска многу пострадав на сон заради Него.“

20 Но првосвештениците и ста­ре­ши­ни­те го наговорија народот да го из­мо­ли Варава, а Исус да Го погуби.

21 Тогаш управникот ги праша: „Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?“ Тие одговорија: „Варава!“

22 Пилат им рече: „А што да правам со Исус, наречен Христос?“ Му одгово­рија сите: „Да биде распнат!“

23 Управникот рече: „Па какво зло на­правил?“ Но тие уште посилно викаа и рекоа: „Да биде распнат!“

24 Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде во­да, ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Правед­ник; мислете му вие!“

25 И одговарајќи целиот народ, рече: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!“

26 Тогаш им го пушти Варава, а Исус, откако Го камшикуваа, Го предаде да биде распнат.


Исусовите понижувања
( Мк 15,16-20 ; Лк 23,11 ; Јн 19,2-3 )

27 Потоа војниците на управникот Го зедоа Исус во судницата и ја собраа целата чета околу Него,

28 па, откако Го соблекоа, Му облекоа ба­греница;

29 исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“

30 И плукаа на Него и со трската Го удираа по главата.

31 А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.


Исусовото распнување
( Мк 15,21-32 ; Лк 23,26-43 ; Јн 19,17-27 )

32 На излегување сретнаа еден Ки­ри­неец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот.

33 И кога дојдоа на местото наречено Голгота, што значи Черепница,

34 Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Тој вкуси и не сакаше да пие.

35 А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка;

36 па седеа таму и Го чуваа;

37 и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.“

38 Тогаш распнаа со Него и двајца раз­бојници; едниот од десната страна, а другиот од левата.

39 А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа

40 и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Се­бе­си! Ако си Син Божји, симни се од крстот!“

41 Исто така и првосвештениците, заедно со книжниците, старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа:

42 „Други спасуваше, а Сам Себе не може да се спаси! Ако е Тој Цар Ју­деј­ски, нека слезе од крстот, па ќе поверуваме во Него.

43 Се надеваше на Бога, нека Го из­ба­ви сега, ако е по волјата Негова, бидејќи говореше: ‚Син Божји Сум!‘“

44 И разбојниците, распнати со Него, Го хулеа исто така.


Исусовата смрт
( Мк 15,33-41 ; Лк 23,44-49 ; Јн 19,28-30 )

45 А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час;

46 а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“

47 А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“

48 И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие.

49 Другите, пак, велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спа­си!“

50 А Исус, откако повторно извика со силен глас, го испушти духот.

51 И наеднаш се расцепи завесата на храмот на две – од горе до долу; и земјата се затресе; и карпи паднаа.

52 И гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа;

53 па кога излегоа од гробовите, по воскреснувањето Негово, влегоа во светиот град и им се јавија на мнозина.

54 А стотникот и оние што со него за­едно Го чуваа Исус, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уп­лашија многу и говореа: „Навистина Овој беше Син Божји!“

55 Таму беа и гледаа оддалеку, исто така, многу жени, што Го следеа Исус од Галилеја и Му служеа.

56 Меѓу нив беа Марија Магдалена и Марија, мајка им на Јаков и Јосиф, и мајката на Заведеевите синови.


Исусовиот погреб
( Мк 15,42-47 ; Лк 23,50-56 ; Јн 19,38-42 )

57 А кога се стемни, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој Му беше, исто така, ученик на Исус;

58 тој отиде кај Пилат и го побара те­лото Исусово. Тогаш Пилат нареди да му го дадат телото.

59 А Јосиф, штом го зеде телото, Го завитка во чисто платно,

60 и Го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во карпа; па, от­како постави голем камен над гробната врата, си отиде.

61 А таму беа Марија Магдалена и другата Марија, кои седеа спроти гробот.


Стража на Исусовиот гроб

62 На другиот ден, по петокот, се соб­раа првосвештениците и фарисеите кај Пилат,

63 и му рекоа: „Господаре, се сетивме дека Оној измамник, уште дури беше жив, рече: ‚По три дни ќе воскреснам!‘

64 Затоа нареди да се причува гробот до третиот ден, за да не отидат учени­ците Негови ноќе и да Го украдат, па да му речат на народот: ‚Воскресна од мртвите!‘ Та последната измама ќе биде полоша од првата.“

65 Пилат им рече: „Имате стража; одете и осигурајте го како што знаете.“

66 Тие отидоа и со стража го осигураа гробот, а каменот го запечатија.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy