Online Bible

- Reklamy -

Матеј 26 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Заговор против Исус
( Мк 14,1-2 ; Лк 22,1-2 ; Јн 11,45-53 )

1 И кога ги заврши Исус овие зборови, им рече на учениците Свои:

2 „Знаете дека по два дни ќе биде Пасха и Синот Човечки ќе биде пре­да­ден на распнување.“

3 Тогаш првосвештениците, книж­ни­ците и старешините народни се собраа во дворот на првосвештеникот, по име Кајафа,

4 и се советуваа како да Го фатат Исус со измама и да Го убијат;

5 но рекоа: „Само не на празникот, за да не стане бунт меѓу народот.“


Помазанието во Витанија
( Мк 14,3-9 ; Јн 12,1-8 )

6 А кога беше Исус во Витанија, во куќата на Симон Лепрозниот,

7 се приближи до Него една жена, ко­ја носеше шише со скапоцен мирис и го изли врз главата Негова, кога Тој седе­ше на трпезата.

8 И кога го видоа тоа учениците Не­го­ви, се расрдија и рекоа: „Какво е тоа рас­турање?

9 Зашто тој мирис можеше да се продаде многу скапо и парите да се разделат на сиромаси.“

10 Но Исус, разбирајќи го тоа, им ре­че: „Зошто ја буните жената? Таа на­прави добро дело за Мене!

11 Бидејќи сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате се­когаш;

12 таа, излевајќи го тој мирис врз те­лото Мое, Ме приготви за погреб.

13 Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие, по цел свет ќе се прикажува тоа што го направи таа, за нејзин спомен.“


Договор за предавство на Исус
( Мк 14,10-11 ; Лк 22,3-6 )

14 Тогаш еден од дванаесетте, по има Јуда Искариот, отиде кај првосвеш­те­ниците

15 и рече: „Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?“ А тие му предложија триесет сребреници.

16 И оттогаш тој бараше погодно вре­ме да Го предаде.


Подготовка на Пасхалната вечера
( Мк 14,12-16 ; Лк 22,7-13 )

17 А во првиот ден на празникот Бес­квасници пристапија кон Исус уче­ни­ци­те и Му рекоа: „Каде сакаш да ти при­гот­виме да јадеш Пасха?“

18 Тој им рече: „Одете в град кај тој и тој човек и кажете му: ‚Учителот вели: времето Ми наближи, кај тебе ќе ја про­славам Пасхата со учениците Свои.‘“

19 Учениците постапија како што им заповеда Исус и ја приготвија Пасхата.


Исус го посочува предавникот
( Мк 14,17-21 ; Лк 22,14 . 21-23 ; Јн 13,21-30 )

20 Кога се стемни, Тој седна на трпе­зата со дванаесетте.

21 И кога јадеа, им рече: „Вистина ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.“

22 Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: „Да не сум јас, Господи?“

23 А Тој им одговори и рече: „Оној што макна со Мене од чинијата, тој ќе Ме предаде.

24 Синот, пак, Човечки, вистина си оди, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек преку кого Си­нот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек да не се беше ро­дил.“

25 А Јуда, што Го предаде, одговори и рече: „Да не сум јас, Рави?“ Му одгово­ри: „Ти рече.“


Востановување на Причеста
( Мк 14,22-26 ; Лк 22,14-20 ; 1 Кор 11,23-25 )

26 И кога јадеа, Исус зеде леб, го бла­гослови, го прекрши, и откако им го да­де на учениците, рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“

27 И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите;

28 зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите.

29 И вам ви велам, зашто отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во цар­ството на Мојот Отец.“

30 И откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Го­ра.


Навестување за Петровото одрекување
( Мк 14,27-31 ; Лк 22,31-34 ; Јн 13,36-38 )

31 Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе Ме оставите уште оваа ноќ; зашто е на­пишано: ‚Ќе удрам по пастирот и ов­ци­те од стадото ќе се разбегаат.‘

32 А по воскресението Мое ќе отидам пред вас во Галилеја.“

33 Тогаш Петар Му одговори и рече: „Дури и сите да се соблазнат поради Те­бе, јас никогаш нема да се соблазнам.“

34 Исус му рече: „Вистина, ти велам: оваа ноќ уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.“

35 Петар Му кажа: „Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе!“ Истото го говореа и сите уче­ници.


Исусовата молитва во Гетсиманија
( Мк 14,32-42 ; Лк 22,39-46 )

36 Потоа отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: „Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.“

37 И кога ги поведе со себе Петар и двајцата Заведееви синови, се натажи и почна да тагува.

38 Тогаш Исус им рече: „Смртно е на­жалена Мојата душа; останете тука и бидете будни со Мене!“

39 Оддалечувајќи се малку, падна нич­кум; се молеше и говореше: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа ча­ша; сепак, нека биде не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти.“

40 Па дојде кај учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петар: „Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни!?

41 Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“

42 Повторно отиде и се помоли, гово­рејќи: „Оче Мој, ако не може да ме од­мине оваа чаша без да ја пијам, тогаш нека биде волјата Твоја!“

43 Кога дојде, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале.

44 Тогаш ги остави, отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите збо­рови.

45 Потоа пак дојде кај учениците Свои и им рече: „Сѐ уште спиете и почивате! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешниците.

46 Станете да одиме! Ете, се прибли­жува оној што Ме предава.“


Исусовото приведување
( Мк 14,43-50 ; Лк 22,47-53 ; Јн 18,3-12 )

47 Додека Тој уште говореше, ете, Ју­да, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу луѓе со ножеви и колови, ис­пра­тени од страна на првосвештениците и старешините народни.

48 А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Фатете Го Тој што ќе го бакнам!“

49 И веднаш се приближи до Исус и Му рече: „Те поздравувам, Рави!“ И Го бакна.

50 А Исус му рече: „Пријателе, зошто си дошол?“ Тогаш пристапија, по­ло­жи­ја раце на Исус и Го фатија.

51 И ете, еден од оние што беа до Ис­ус, протегна рака и извади нож, па го удри слугата на првосвештеникот, и му го отсече увото.

52 Тогаш Исус му рече: „Врати го но­жот во ножницата. Зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат;

53 или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели?

54 Но, како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?“

55 Потоа Исус му рече на народот: „Како на разбојник сте излегле со но­жеви и колови за да Ме фатите. Секој ден седев со вас, поучувајќи во храмот, и не Ме фативте.

56 Но сето тоа стана за да се исполнат пророчките писма.“ Тогаш сите уче­ни­ци Го оставија и се разбегаа.


Сослушувањето на Исус пред Синедрионот
( Мк 14,53-65 ; Лк 22,54-55 . 63-71 ; Јн 18,13-14 . 19-24 )

57 А оние што Го фатија Исус, Го од­ведоа кај првосвештеникот Кајафа, ка­де што беа собрани книжниците и ста­ре­шините.

58 Петар, пак, одеше по Него одда­ле­ку, до дворот на првосвештеникот; и влезе внатре, па седна со слугите за да го види крајот.

59 А првосвештениците и ста­ре­ши­ни­те, и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исус за да Го погубат

60 и не наоѓаа; и, макар што пристапија многу лажни сведоци, не најдоа. Но најпосле дојдоа двајца

61 и рекоа: „Овој кажа: ‚Можам да го урнам Божјиот храм и за три дни да го соѕидам.‘“

62 Тогаш стана првосвештеникот и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?“

63 Но Исус молчеше. А првос­веш­те­никот Му рече: „Те заколнувам во жи­виот Бог да ни кажеш: Ти ли си Хрис­тос, Синот Божји?“

64 Исус му одговори: „Ти рече! Ви ве­лам отсега ќе Го гледате Синот Човеч­ки како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.“

65 Тогаш првосвештеникот ја раскина облеката своја и рече: „Овој хули на Бога! Каква потреба имаме повеќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото хулење!

66 Како ви се чини?“ А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!“

67 Тогаш Го плукаа в лице и Го удираа по образите, а други Го тепаа

68 и говореа: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?“


Петровото откажување
( Мк 14,66-72 ; Лк 22,56-62 ; Јн 18,15-18 . 25-27 )

69 А Петар седеше надвор во дворот. И се приближи до него една слугинка и му рече: „И ти беше со Исус Гали­ле­е­цот!“

70 Но тој се одрече пред сите, велејќи: „Не знам што зборуваш!“

71 А кога одеше кон вратата, го виде друга и им рече на оние што беа таму: „И овој беше со Исус од Назарет!“

72 Но тој пак се одрече со заклетва: „Не Го познавам Човекот!“

73 Малку потоа се приближија оние што стоеја таму и му рекоа на Петар: „Навистина, и ти си од нив, зашто и го­во­рот твој те издава!“

74 Тогаш тој почна да се колне, и се заколна: „Не Го познавам Човекот!“ И веднаш запеа петел.

75 И се сети Петар на Исусовите збо­рови што му ги рече: „Уште петел пред да запее, трипати ќе се одречеш од Ме­не.“ Па излезе надвор и горко плачеше.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy