Матеј 22 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Парабола за свадбата на царевиот син ( Лк 14,15-24 ) 1 И одговарајќи, Исус пак им говореше во параболи и рече: 2 „Царството небесно прилега на еден цар, кој направи свадба за својот син. 3 И ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на свадба; а тие не сакаа да дојдат. 4 Потоа испрати други слуги и им рече: кажете им на поканетите: ‚Ете, приготвив јадење; јунците мои и сѐ што е угоено се заклани, и сѐ е готово; дојдете на свадбата!‘ 5 Но, тие не сакаа да знаат за тоа, туку си отидоа: кој на нива, кој по трговија; 6 а некои, пак, ги фатија неговите слуги, ги исмејаа и ги убија. 7 Штом чу за тоа царот, се налути, испрати своја војска и ги погуби убијците и им го изгоре нивниот град. 8 Тогаш им рече на слугите свои: ‚Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни. 9 Затоа одете по крстопатите и колкумина ќе најдете, поканете ги на свадба!‘ 10 И излегоа слугите на крстопатите, ги собраа сите што ги најдоа – и лоши и добри; и се наполни свадбениот дом со гости. 11 Кога влезе царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта. 12 Па му рече: ‚Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?‘ А тој молчеше. 13 Тогаш царот им рече на слугите: ‚Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби!‘ 14 зашто, мнозина се повикани, а малкумина избрани.“ Прашања за данокот ( Мк 12,13-17 ; Лк 20,20-26 ) 15 Тогаш фарисеите отидоа и се договорија како да Го фатат во некој збор. 16 И ги испраќаа кај Него своите ученици, заедно со некои Иродовци, кои Му говореа: „Учителе, знаеме дека си правичен и навистина ги учиш луѓето на патот Божји, и не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој; 17 затоа кажи ни; што мислиш: треба ли да се дава данок на царот или не?“ 18 Но Исус го проѕре лукавството нивно и рече: „Што Ме искушувате, лицемери? 19 Покажете Ми една пара од данокот.“ Тие Му донесоа еден денариј. 20 И им рече: „Чиј е овој лик и потпис?“ 21 Тие одговорија: „На царот.“ Тогаш им рече: „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!“ 22 И штом го чуја тоа, тие занемеа и, оставајќи Го, си отидоа. Прашања за воскресението ( Мк 12,18-27 ; Лк 20,27-38 ) 23 Во истиот ден пристапија кон Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа, говорејќи: 24 „Учителе, Мојсеј рече: ‚Ако умре некој без деца, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека му подигне потомство на својот брат!‘ 25 Кај нас имаше седуммина браќа; првиот се ожени и умре; па, бидејќи немаше пород, ја остави жената своја на брата си; 26 исто така направи и вториот, и третиот, дури и седмиот; 27 а по сите нив умре и жената. 28 При воскресението, на кого од седуммината ќе биде таа жена, бидејќи со сите живеела?“ 29 Исус им одговори: „Се лажете, зашто не ги познавате Писмата, ниту силата Божја; 30 зашто при воскреснувањето луѓето ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку ќе живеат како ангели Божји на небесата. 31 А за воскреснувањето на мртвите, не сте ли читале што ви рекол Бог, Кој вели: 32 ‚Јас сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.‘ Бог не е Бог на мртвите, туку на живите.“ 33 И народот, слушајќи го тоа, се восхитуваше на Неговата наука. Најважната заповед ( Мк 12,28-34 ; Лк 10,25-28 ) 34 Кога фарисеите слушнаа дека ги посрами садукеите, се здружија со нив. 35 И еден од нив, познавач на Законот, искушувајќи Го, запраша и рече: 36 „Учителе, која заповед е најголема во Законот?“ 37 А Исус му одговори: „‚Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум;‘ 38 тоа е прва и најголема заповед; 39 а втората е слична на неа: ‚возљуби го својот ближен како себеси!‘ 40 На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците.“ За Давидовиот син ( Мк 12,35-37 ; Лк 20,41-44 ) 41 И кога се собраа фарисеите, Исус ги праша 42 и рече: „Што мислите за Христос? Чиј син е Тој?“ Му одговорија: „Давидов.“ 43 Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот Го нарече Господ, велејќи: 44 ‚Му рече Господ на Мојот Господ: Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘ 45 И така, ако Давид Го нарече Господ, како тогаш може Тој да Му е син?“ 46 И никој не можеше да Му одговори ниту збор, и од тој ден никој веќе не се осмели да Го праша. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society