Матеј 20 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Парабола за работниците во лозјето 1 „Зашто царството небесно прилега на домаќин, кој излегол наутро рано да изнајми работници за своето лозје. 2 Па, штом се спогоди со работниците по денариј на ден, ги прати во лозјето свое. 3 Потоа, кога излезе околу третиот час и виде други како стојат на пазариштето без работа, 4 им рече: ‚Одете и вие во моето лозје, па што е право, ќе ви дадам.‘ И тие отидоа. 5 Пак излезе околу шестиот и деветтиот час и направи исто. 6 А околу единаесеттиот час одново излезе и најде други, како стојат без работа, и им рече: ‚Зошто стоите тука цел ден без работа?‘ 7 Тие му одговорија: ‚Никој не нѐ повика.‘ А тој им рече: ‚Одете во моето лозје.‘ (И што е право ќе добиете.) 8 А кога се стемни, господарот на лозјето му рече на својот настојник: ‚Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните па до првите.‘ 9 И дојдените околу единаесеттиот час добија по денариј. 10 А кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе; но и тие добија по денариј; 11 и штом добија, негодуваа против господарот 12 и велеа: ‚Оние последните работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тежината на денот и жегата.‘ 13 А тој им одговори и му рече на еден од нив: ‚Пријателе, не те онеправдувам: нели се погоди со мене за денариј? 14 Земи си го своето и оди си; и на овој последниов, сакам да му дадам колку и тебе; 15 зар немам право да чинам со своето што сакам? Или ти е окото завидливо, зашто сум дарежлив?‘ 16 Така ќе бидат последните први, а првите – последни; (зашто мнозина се повикани, но малкумина се избрани).“ Исус по третпат ги навестува Својата смрт и воскресение ( Мк 10,32-34 ; Лк 18,31-34 ) 17 И кога се искачуваше Исус кон Ерусалим, ги зеде насамо дванаесетте ученици и по патот им рече: 18 „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе им биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт, 19 и ќе Го предадат на незнабошците за да биде исмеан, и тепан, и распнат; и на третиот ден ќе воскресне.“ Честољубие и вистинско служење ( Мк 10,33-45 ; Лк 22,25-27 ) 20 Тогаш пристапи до Него мајката на Заведеевите синови, заедно со своите синови и, поклонувајќи Му се, Го молеше нешто. 21 А Тој ѝ рече: „Што бараш?“ Таа Му одговори: „Заповедај овие мои два сина да седат до Тебе, едниот од десно, а другиот од лево во Твоето царство!“ 22 Исус одговори и им рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата што ќе ја пијам Јас; или да се крстите со крштавањето со кое се крштавам Јас?“ Тие Му одговорија: „Можеме.“ 23 И им рече: „Чашата Моја ќе ја пиете, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите, но да се седи на Мојата десна или лева страна, тоа не зависи од Мене; таму ќе седнат оние за кои е подготвено од Мојот Отец.“ 24 И десетте, штом го чуја тоа, негодуваа против двајцата браќа. 25 Но Исус ги повика и им рече: „Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив; 26 меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; 27 и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви служи; 28 како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина.“ Исцелувањето на двајцата слепи од Ерихон ( Мк 10,46-52 ; Лк 18,35-43 ) 29 И кога излегуваше од Ерихон, по Него врвеше многу народ. 30 И ете, двајца слепи, седнати покрај патот, штом чуја дека минува Исус, извикаа и рекоа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Давидов!“ 31 А народот им заповеда да молчат; но тие уште посилно викаа и велеа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Давидов!“ 32 Исус застана, ги повика и рече: „Што сакате да сторам за вас?“ 33 Тие Му одговорија: „Да ни се отворат очите наши.“ 34 И Исус се смилува и се допре до нивните очи, и веднаш им прогледаа очите нивни; и тие тргнаа по Него. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society