Матеј 2 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Мудреците од исток 1 А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во времето кога царуваше Ирод, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од исток и рекоа: 2 „Каде е новородениот Јудејски Цар? Ја видовме Неговата ѕвезда на исток, па дојдовме да Му се поклониме.“ 3 Штом го чу тоа, царот Ирод се вознемири и цел Ерусалим со него. 4 И кога ги собра сите првосвештеници и книжници од народот, ги праша: „Каде треба да се роди Христос?“ 5 А тие му одговорија: „Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот: 6 ‚И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу војводствата Јудини; зашто од тебе ќе излезе Водач што ќе го пасе Мојот народ – Израел.‘“ 7 Тогаш Ирод тајно ги повика мудреците и го дозна од нив за времето кога се појавила ѕвездата, 8 па, испраќајќи ги во Витлеем, им рече: „Одете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да одам и јас да Му се поклонам.“ 9 Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре над местото каде што беше Младенецот. 10 А кога ја видоа ѕвездата, тие се зарадуваа со многу голема радост. 11 И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; потоа ги отворија своите ковчежиња и Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна. 12 И откако примија предупредување на сон, не се вратија веќе кај Ирод, туку си заминаа по друг пат за својата земја. Бегството во Египет 13 А штом си отидоа тие, ете, ангел Господов му се јави на Јосиф на сон, велејќи: „Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму додека не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби.“ 14 И тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му ноќно време, па отиде во Египет. 15 И таму остана до смртта на Ирод, за да се исполни реченото од Господ преку пророкот, кој вели: „Од Египет Го повикав Синот Свој.“ Убиството на витлеемските деца 16 Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го надитрија, се разгневи многу и испрати да ги погубат сите машки новороденчиња во Витлеем и по целата негова околина од двегодишна возраст и помали, според времето што точно го беше дознал од мудреците. 17 Тогаш се исполни кажаното преку пророкот Еремија, кој говори: 18 „Глас се слуша во Рама, плач и ридање, и пискот голем: Рахила ги оплакува своите чеда и не сака да се утеши, зашто ги нема.“ Враќање од Египет. Населување во Назарет 19 А по смртта на Ирод, ангел Господов му се јави на сон на Јосиф во Египет 20 и му рече: „Стани, земи го Младенецот и мајка Му, и врати се во земјата израелска, зашто изумреа оние што ја бараа душата на Младенецот.“ 21 Тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му, и дојде во земјата израелска. 22 Но, кога чу дека во Јудеја царува Архелај, на местото татка си Ирод, се уплаши да оди таму; и откако доби порака на сон, тој замина во галилејските предели. 23 А кога пристигна, се насели во градот наречен Назарет за да се исполни реченото преку пророците дека Тој ќе се нарече Назареец. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society