Матеј 19 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)За разводот ( Мк 10,1-12 ; Лк 16,18 ) 1 Кога ги заврши Исус тие зборови, тргна од Галилеја и пристигна во пределите јудејски, отаде Јордан. 2 По Него појде многу народ и Тој ги исцели таму. 3 И дојдоа кај Него фарисеите што Го искушуваа, па Му рекоа: „Може ли човек да ја остави жената своја за каква и да било причина?“ 4 Тој им одговори и рече: „Не ли сте читале, дека Оној што ги создаде во почетокот, маж и жена ги создаде, и рече: 5 ‚Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе бидат обата едно тело.‘ 6 Па така, тие веќе не се двајца, туку едно тело. А Бог што соединил човек да не разделува.“ 7 Тие Му рекоа: „Зошто тогаш Мојсеј заповеда да ѝ даде мажот разводно писмо и да ја напушти?“ 8 Тој им одговори: „Заради вашите жестоки срца Мојсеј ви дозволи да ги оставате жените свои; но во почетокот не беше така. 9 Јас, пак, ви велам: оној што ќе ја остави својата жена, освен заради прељуба, и се ожени со друга, тој извршува прељуба; и оној, што ќе се ожени со напуштена, исто така прељубодејствува.“ Брак и безбрачност 10 А учениците Негови Му рекоа: „Ако е таква должноста на човекот кон жената, тогаш не треба ни да се жени!“ 11 Но Тој рече: „Секој не може да го прифати ова учење, туку само оние на кои им е дадено; 12 зашто има скопени, така родени од мајчината утроба; а има скопени и од луѓе, но има и скопени, кои самите себе се скопиле заради царството небесно. Кој може да прифати, нека прифати.“ Исус ги благословува децата ( Мк 10,13-16 ; Лк 18,15-17 ) 13 Тогаш кај Него доведоа деца, за да ги положи рацете над нив и да се помоли, а учениците им забрануваа. 14 Но Исус рече: „Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат кај Мене, зашто на такви е царството небесно.“ 15 И откако ги положи рацете над нив, Исус си отиде оттаму. За богатиот млад човек ( Мк 10,17-31 ; Лк 13,30 ; 18,18-30 ) 16 И ете, еден човек, кога пристапи до него, Му рече: „Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?“ 17 А Тој му одговори: „Зошто Ме нарекуваш добар? Само Еден е добар. А ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги заповедите.“ 18 Тој Му рече: „Кои?“ А Исус одговори: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно; 19 почитувај ги татка си и мајка си; сакај го ближниот свој како себеси!“ 20 Младиот човек Му рече: „Сето тоа сум го запазил уште од детството; што ми е уште потребно?“ 21 Исус му кажа: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене!“ 22 Штом ги чу младиот човек овие зборови, си отиде нажален, бидејќи имаше голем имот. 23 А Исус им рече на учениците Свои: „Вистина, ви велам, богат мачно ќе влезе во царството небесно; 24 и уште ви велам: полесно ѝ е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо.“ 25 Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија и рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“ 26 Исус, ги погледна и им рече: „За луѓето тоа не е можно, но за Бога сѐ е можно.“ 27 Тогаш Петар одговори и Му рече: „Ете, ние оставивме сѐ, и по Тебе одиме: што ќе стане, со нас?“ 28 А Исус им рече: „Вистина ви велам дека вие што врвите по Мене, во новиот свет, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја, ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израелови колена; 29 и секој што ќе остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име, ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен. 30 Но мнозина први ќе бидат последни, а последните први.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society