Матеј 18 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Кој е најголем? ( Мк 9,33-37 ; Лк 9,46-48 ) 1 Во тој час се приближија учениците до Исус и рекоа: „Кој е најголем во царството небесно?“ 2 И Исус повика едно дете, го постави меѓу нив 3 и им рече: „Вистина ви велам, ако не се промените и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно: 4 кој ќе биде понизен како ова дете, тој е најголем во царството небесно; 5 и кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима.“ За соблазнувањата ( Мк 9,42-48 ; Лк 17,1-2 ) 6 „Кој ќе соблазни едно од овие мали, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морска длабочина. 7 Тешко му на светот од соблазни, зашто соблазните треба да дојдат; но тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната. 8 Ако те соблазнува раката твоја или ногата твоја, отсечи ја и фрли ја од себе: подобро е за тебе да влезеш во животот без една рака или нога, отколку со двете раце и двете нозе да бидеш фрлен во вечниот оган; 9 и ако те соблазнува окото твое, извади го и фрли го од себе: подобро е за тебе да влезеш во животот со едно око, отколку да ги имаш и двете очи, а да бидеш фрлен во огнениот пекол.“ Парабола за загубената овца ( Лк 15,3-7 ) 10 „Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на Мојот Отец небесен. 11 (Зашто Синот Човечки дојде да го бара и спаси загубеното.) 12 Што мислите? Ако некој има сто овци и една од нив се загуби, нема ли да ги остави деведесет и деветте в планина и да појде да ја бара загубената овца? 13 Па, ако ја најде, ве уверувам дека ќе се радува за неа повеќе отколку за деведесет и деветте незагубени. 14 Така и вашиот Отец небесен не сака да загине ниедно од овие, маливе.“ Ако ти згреши ближниот 15 „Ако згреши против тебе братот твој, оди и искарај го насамо; ако те послуша, си го придобил брата си; 16 ако не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор; 17 ако, пак, не ги послуша и нив, кажи ѝ на црквата; па, ако и црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и цариник.“ 18 „Вистина ви велам: сѐ што ќе сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и сѐ што ќе разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото. Заедничка молитва 19 Пак ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата да молат за нешто, што и да било, ќе им биде дадено од Мојот Отец небесен; 20 зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас среде нив.“ Братско простување ( Лк 17,4 ) 21 Тогаш Петар пристапи кон Него и рече: „Господи, колкупати да му простам на брата си, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?“ 22 Исус му одговори: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум.“ Парабола за немилосрдниот слуга 23 „Затоа царството небесно прилега на царот кој побарал да ја расчисти сметката со своите слуги. 24 Кога почна да ја расчистува сметката, доведоа кај него еден што му должеше десет илјади таланти; 25 па, бидејќи немаше со што да плати, господарот негов нареди да го продадат него, и жена му, и децата негови, и сѐ што имаше, за да наплати. 26 Тогаш тој слуга падна пред него на колена и му се поклонуваше говорејќи: ‚Господаре, стрпи се спрема мене и сѐ ќе ти платам.‘ 27 А господарот на тој слуга се смилува, го пушти и му го прости долгот. 28 Слугата, пак, штом излезе, најде еден од другарите свои, кој му должеше сто денарии, и кога го фати, го давеше и му велеше: ‚Врати ми го долгот!‘ 29 Тогаш неговиот другар падна ничкум пред нозете негови, го молеше и велеше: ‚Стрпи се спрема мене и сѐ ќе ти исплатам!‘ 30 Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, додека не му го исплати долгот. 31 Другарите, пак, негови, кога видоа што се случи, многу се огорчија, па отидоа и му кажаа на својот господар за сѐ што се случи. 32 Тогаш господарот негов го повика и рече: ‚Зол слуго, јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше; 33 не требаше ли и ти да се смилуваш над својот другар, како што се смилував и јас над тебе?‘ 34 И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот долг. 35 Така и Мојот Отец небесен ќе постапи со вас, ако секој од вас не му прости од срце на брата си.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society