Online Bible

- Reklamy -

Матеј 15 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Исус ги отфрла човечките обичаи
( Мк 7,1-13 )

1 Тогаш пристапија кон Исус ерусалимските книжници и фарисеи, велејќи:

2 „Зошто учениците Твои не го за­па­зуваат преданието на старите? Зошто не си ги мијат рацете кога јадат леб?“

3 А Тој им одговори и рече: „Па зо­што и вие ја престапувате Божјата за­повед заради вашето предание?

4 Зашто Бог заповедал и рекол: ‚По­читувај ги татко си и мајка си‘, и ‚кој го­вори лошо против таткото свој или мај­ка си, со смрт да се казни‘.

5 А вие велите: ‚Ако некој му рече на татка си или на мајка си: она, со што би можел да се ползуваш од мене, е ветено за Господ‘,

6 тогаш тој може да не го почитува својот татко или својата мајка! Така ја нарушивте заповедта Божја заради ва­шето предание!

7 Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија, велејќи:

8 ‚Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме по­чи­ту­ва, а срцето негово стои далеку од Ме­не;

9 но напразно Ме почитува, зашто про­поведа човечки повелби.‘“


Што го осквернува човекот?
( Мк 7,14-23 )

10 И како ги повика луѓето, им рече: „Слушајте и разберете!

11 Не го осквернува човекот она што влегува во устата, туку она што излегува од устата, тоа го осквернува чо­ве­кот.“

12 Тогаш Неговите ученици Му се приближија и рекоа: „Знаеш ли дека фарисеите, штом го чуја тој збор, се соблазнија?“

13 А Тој, одговарајќи им, рече: „Се­ко­ја садница, што не ја насадил Мојот Отец небесен, ќе се искорне;

14 оставете ги: тие се слепи водачи на слепи: а кога слеп води слеп, оба­та ќе паднат во јама.“

15 Петар, пак, Му одговори и рече: „Објасни ни ја оваа парабола.“

16 А Исус им рече: „Ама вие, уште ли не сфаќате?

17 Уште ли не разбирате дека сѐ што влегува во устата, минува преку сто­ма­кот и се исфрлува надвор?

18 А она што излегува од устата, иде од срцето и тоа го осквернува човекот;

19 зашто од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули;

20 тоа го осквернува човекот. А ја­де­њето со неизмиени раце не го осквернува човекот.“


Верата на една Хананејка
( Мк 7,24-30 )

21 И кога излезе оттаму Исус, замина во земјата Тирска и Сидонска.

22 И ете, една жена Хананејка, излезе од оние краишта, повика кон Него, ве­лејќи: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко ја мачи демон.“

23 Но Тој не ѝ одговори ниту збор. И пристапувајќи до Него, учениците Не­гови Го молеа и велеа: „Отпушти ја, зашто вика по нас.“

24 А Тој одговори и рече: „Јас сум пратен само кај загубените овци на до­мот израелски.“

25 Но таа, кога пристапи, Му се поклони и велеше: „Господи, помогни ми!“

26 Тој, одговарајќи ѝ рече: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.“

27 Но таа Му рече: „Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари.“

28 Тогаш Исус одговори и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти би­де по желбата твоја!“ И во тој час оз­драве ќерката нејзина.


Исус исцелува многу народ
( Мк 7,31 )

29 Штом замина оттаму, Исус дојде кај Галилејското Море, се искачи на гората и седна таму.

30 И дојде кај Него многу народ, кој имаше со себе куци, слепи, неми, фа­те­ни и многу други, и ги положија пред нозете на Исус, и Тој ги исцели,

31 така што народот се восхитуваше гледајќи како неми зборуваат, фатени оздравуваат, куци се движат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Бога Израелов.


Исус нахранува над четири илјади души
( Мк 8,1-10 )

32 А Исус, кога ги повика учениците Свои, рече: „Жал ми е за луѓето, зашто три дни веќе стојат кај Мене и немаат што да јадат; да ги распуштам гладни, не би сакал, за да не премалеат по па­тот.“

33 Но учениците Негови Му рекоа: „Каде ќе земеме толку леб во пустинава за да нахраниме толку народ?“

34 Исус ги праша: „Колку лебови има­те?“ А тие одговорија: „Седум и не­кол­ку риби.“

35 Тогаш му заповеда Исус на народот да поседне по земјата.

36 И земајќи ги седумте лебови и ри­би­те, благодари, ги прекрши и им ги да­де на учениците Свои, а учениците – на народот.

37 И јадеа сите и се наситија; и кренаа останати парчиња: седум полни кош­ни­ци.

38 А оние што јадеа беа четири илјади мажи, покрај жените и децата.

39 Па, штом го распушти народот, влезе во кораб и пристигна во Маг­дал­ските предели.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy