Матеј 14 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Смртта на Јован Крстител ( Мк 6,14-29 ; Лк 3,19-20 ; 9,7-9 ) 1 Во тоа време гласот за Исус дојде и до Ирод четворовласникот, 2 кој им рече на своите потчинети: „Тоа е Јован Крстител; тој воскреснал, па затоа и стануваат чуда преку него!“ 3 Зашто Ирод, кога го фати Јован, го врза и го фрли во затвор заради Иродијада, жената на брат му Филип; 4 бидејќи Јован му велеше: „Не доликува да биде твоја!“ 5 И сакаше да го убие, но се плашеше од народот, зашто го сметаа за пророк. 6 А кога му беше роденден на Ирод, ќерката на Иродијада играше пред гостите и му угоди на Ирод; 7 затоа тој ѝ се заколна дека ќе ѝ даде што и да побара. 8 И таа, подучена од мајка си, рече: „Дај ми ја овде на чинија главата на Јован Крстител!“ 9 И се загрижи царот; но, заради заклетвата и гостите свои, нареди да ѝ ја дадат. 10 Па прати, та ја отсекоа главата на Јован во затворот. 11 И ја донесоа главата негова на чинија и ѝ ја дадоа на девојката, а таа ја однесе на мајка си. 12 Учениците, пак, негови, дојдоа, го земаа неговото тело и го погребаа; па отидоа и му јавија на Исус. Исус нахранува над пет илјади луѓе ( Мк 6,30-44 ; Лк 9,10-17 ; Јн 6,1-14 ) 13 Штом го чу тоа Исус, замина оттаму со кораб во пусто место, Сам а народот, штом дозна за тоа, тргна по Него пеш од градовите. 14 И кога излезе Исус, виде многу свет; и се смилува над нив и ги излекува нивните болни. 15 А на стемнување се приближија до Него учениците Негови и рекоа: „Местово е пусто, а и доцна е веќе; пушти го народот да оди по селата и да си купи храна.“ 16 Но Исус им рече: „Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат!“ 17 А тие Му рекоа: „Ние имаме само пет леба и две риби.“ 18 Тој им рече: „Донесете Ми ги тука!“ 19 И откако му заповеда на народот да седне по тревата, ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги прекрши и им ги даде лебовите на учениците, а учениците – на народот. 20 И јадеа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња. 21 А оние што јадеа беа околу пет илјади мажи, покрај жените и децата. Исус оди по површината на водата ( Мк 6,45-52 ; Јн 6,15-21 ) 22 И веднаш ги повика Исус учениците Свои да влезат во кораб и да минат на другата страна пред Него, додека Тој да го распушти народот. 23 Па штом го распушти народот, Тој се искачи на планината за да се помоли насамо. И таа вечер остана таму Сам. 24 А коработ беше веќе на сред море и брановите го удираа, зашто ветрот дуваше спротивно. 25 Но на четвртата стража преку ноќта, дојде Исус кај нив, одејќи по морето. 26 А учениците, штом Го видоа како оди по морето, се уплашија и рекоа: „Тоа е привидение!“ и од страв извикаа. 27 Но Исус веднаш почна да зборува со нив и им рече: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“ 28 А Петар, одговарајќи Му, рече: „Господи, ако си Ти, заповедај да дојдам кај Тебе по водата!“ 29 И Исус му рече: „Дојди!“ Па штом излезе од коработ, Петар тргна по водата за да оди кај Исус; 30 но, кога го виде силниот ветар, се уплаши, почна да тоне и извика: „Господи, спаси ме!“ 31 Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: „Маловернику, зошто се посомнева?“ 32 И кога влегоа во коработ, ветрот престана. 33 А оние што беа во коработ Му пристапија, Му се поклонија и рекоа: „Навистина, Ти си Синот Божји!“ Исус исцелува во генисаретскиот крај ( Мк 6,53-56 ) 34 Па откако преминаа, дојдоа во земјата генисаретска. 35 Луѓето од тоа место, штом Го познаа, разгласија по целата таа околија и ги донесоа кај Него сите болни. 36 И Го молеа да се допрат барем до крајот од Неговата облека; и тие што се допреа, се излекуваа. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society