Online Bible

- Reklamy -

Матеј 12 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Прашања околу саботата
( Мк 2,23-28 ; Лк 6,1-5 )

1 Во тоа време, една сабота, Исус минуваше преку нивите, а уче­ниците Негови огладнеа, па почнаа да кинат класје и да јадат.

2 Фарисеите, штом го видоа тоа, Му рекоа: „Ете, учениците Твои го прават она што не треба да се прави во сабота!“

3 А Тој им рече: „Не сте ли читале што направи Давид, кога огладне тој и оние што беа со него?

4 Како влезе во домот Божји, ги изеде лебовите од жртвеникот, што не тре­ба­ше да ги јаде ни тој, ниту оние што беа со него, туку само свештениците.

5 Или, не сте ли читале во Законот де­ка во саботен ден свештениците ја на­ру­шуваат саботата и пак не се виновни?

6 Но Јас ви велам дека тука е Оној Кој е поголем од храмот;

7 и, ако знаевте што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘, немаше да ги осудувате невините;

8 Зашто Синот Човечки е господар и на саботата.“


Исус исцелува човек со исушена рака
( Мк 3,1-6 ; Лк 6,6-11 )

9 И штом замина оттаму, дојде во си­на­гогата нивна.

10 И ете, таму беше еден човек, кој имаше исушена рака. И за да Го обви­нат, Го прашаа Исус: „Допуштено ли е во сабота да се лекува?“

11 А Тој им рече: „Кој е тој од вас, ако има една овца и таа падне во саботен ден во јама, што не ќе ја прифати и из­ва­ди?

12 А колку ли, пак, човекот е поскап од една овца!? И така во сабота е до­пуштено да се прави добро.“

13 Тогаш му рече на човекот: „Испру­жи ја раката!“ И тој ја испружи. И таа стана здрава како и другата.

14 А фарисеите, штом излегоа, се до­говорија како да Го погубат. Но Исус кога разбра, се оддалечи оттаму.


Божјиот Избраник

15 И тргна по него многу народ и Тој ги исцели сите.

16 И им забрани да разгласуваат за Него.

17 За да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели:

18 „Ете Го слугата Мој; Него Го из­брав, Мојот возљубен, што го благоволи Мојата душа. Ќе го положам Духот Свој над Него и на народите ќе им об­ја­ви правда.

19 Нема да се кара, ниту ќе вика, и ни­кој нема да го чуе гласот Негов по крс­топатите.

20 Трските прекршени нема да ги до­крши, ниту запалените светила ќе ги угасне, додека не го доведе судот до по­беда.

21 И во Неговото име народите ќе ја положат својата надеж.“


Исус и Велзевул
( Мк 3,20-30 ; Лк 11,14-23 )

22 Тогаш доведоа кај Него еден бесомачен од зол дух, кој беше слеп и нем; и го излекува, така што слепонемиот про­гледа и проговори.

23 И сиот народ се чудеше и велеше: „Да не е Овој Христос, синот Давидов?“

24 А фарисеите, штом го чуја тоа, ре­коа: „Тој не ги истерува демоните на друг начин освен преку Велзевул, на­чалникот на демоните!“

25 Но Исус, знаејќи ги нивните помисли, им рече: „Секое царство, ако се раз­дели, запустува; и секој град или дом, ако се раздели на противни групи, ќе пропадне.

26 И ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил сам против себе; тогаш ка­ко може да се запази царството негово?

27 И ако Јас ги истерувам демоните преку Велзевул, синовите ваши, пре­ку кого ги изгонуваат? Затоа тие ќе ви бидат судии.

28 Ако, пак, Јас истерувам демони со Духот Божји, тоа значи дека до вас дошло царството Божјо.

29 Или, како може да влезе некој во куќата на силен човек и да му ја плени покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот, па дури тогаш да му ја ограби куќата?

30 Кој не е со Мене, против Мене е; и кој не собира со Мене, тој растура.

31 Затоа ви велам: секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Светиот Дух нема да им се прости на луѓето.

32 И ако некој каже збор против Си­нот Човечки, ќе му се прости; но ако каже нешто против Светиот Дух, нема да му се прости ни на овој, ни на оној свет.“


Според дрвото – и плодовите!
( Лк 6,43-45 )

33 „Или, ако насадите добро дрво и плодот ќе му биде добар; а ако насадите лошо дрво и плодот ќе му биде лош; зашто по плодот се познава дрвото.

34 Змиски рожби! Како можете да го­ворите добро, кога сте лоши? Зашто ус­тата го зборува она што излегува од преполнетото срце.

35 Добриот човек од доброто со­кро­виште изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште – лошо.

36 И ви велам дека за секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одгова­раат на судниот ден;

37 зашто по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш суден.“


Знакот на Јона
( Мт 16,1-4 ; Мк 8,11-12 ; Лк 11,29-32 )

38 Тогаш некои од книжниците и фа­рисеите одговорија и рекоа: „Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе!“

39 А Тој им одговори и рече: „Лукав и прељуботворен род бара знак; но нема да му се даде знак освен знакот на пророкот Јона;

40 зашто, како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи.

41 Ниневјаните ќе излезат на суд со овој род и ќе го осудат, зашто тие се по­кајаа од проповедта на Јона; а ете, тука има поголем од Јона.

42 И царицата јужна ќе излезе на суд со овој род и ќе го осуди; зашто таа дој­де од крај земја за да ја чуе мудроста на Соломон, но ете, тука е многу поголем од Соломон.“


За нечистите духови
( Лк 11,24-26 )

43 „Кога нечистиот дух ќе излезе од човекот, минува преку безводни места, барајќи спокој и не го наоѓа;

44 тогаш ќе рече: ‚Да се вратам во мо­јот дом, откаде што излегов.‘ И штом дојде го наоѓа празен, изметен и уреден.

45 Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе вле­зат, таму и ќе живеат; и последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде и со овој пакосен род.“


Вистинското семејство на Исус
( Мк 3,31-35 ; Лк 8,19-21 )

46 Додека му зборуваше на народот, мајка Му и браќата Негови стоеја надвор и сакаа да зборуваат со Него.

47 Некој Му кажа: „Ете, мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе.“

48 Тој му одговори на оној што Му зборуваше и рече: „Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?“

49 И покажувајќи со рака на уче­ни­ци­те Свои рече: „Еве ја Мојата мајка и еве ги Моите браќа!

50 Зашто кој ја исполнува волјата на Мојот небесен Отец, Кој е на небесата, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy