Марко 9 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)1 И им рече: „Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, додека не го видат царството Божјо, дојдено во сила.“ Исусовото преображение ( Мт 17,1-9 ; Лк 9,28-36 ) 2 А по шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги одведе сами на висока гора, насамо, и се преобрази пред нив. 3 Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белило на земјата не може да избели. 4 И им се јави Илија со Мојсеј, и разговараа со Исус. 5 Тогаш проговори Петар и Му рече на Исус: „Рави, добро ни е да бидеме овде; да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ 6 Зашто не знаеше што да каже, бидејќи беа многу уплашени. 7 И се појави облак, па ги засени; и од облакот дојде глас, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, Него слушајте Го!“ 8 И одеднаш, кога погледнаа наоколу, никого веќе не видоа покрај себе, освен Исус. 9 А кога слегуваа од гората, им заповеда никому да не кажуваат што виделе, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите. 10 И го задржаа тој збор во себе, прашувајќи се еден со друг што значи тоа: „Да воскресне од мртвите?“ За Илија ( Мт 17,10-13 ) 11 И Го прашаа, велејќи: „А зошто книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“ 12 А Тој, пак, одговори и рече: „Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ; а Синот Човечки, како што е напишано за Него, треба да пострада многу и да биде понизен. 13 Но ви велам дека и Илија дојде, како што е напишано за Него, и му направија што сакаа.“ Исцелувањето од нечист дух ( Мт 17,14-21 ; Лк 9,37-43 ) 14 И кога дојде кај учениците Свои, виде многу народ околу нив и книжници, кои се препираа со нив. 15 И штом Го виде, сиот народ се исплаши; а кога се приближија, Го поздравуваа. 16 Ги праша книжниците: „Зошто се препирате со нив?“ 17 Тогаш еден од народот одговори и рече: „Учителе, го доведов кај Тебе син ми, во кого има нем дух; 18 и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на учениците Твои да го изгонат, но тие не можеа.“ 19 А Исус одговори и рече: „О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го кај Мене!“ 20 И кога го доведоа кај Него – штом го виде, веднаш духот го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет. 21 Го праша Исус татко му: „Колку време има откако станува тоа со него?“ Тој одговори: „Од детството; 22 и многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби: но, ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни!“ 23 А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш – сѐ е можно за оној што верува!“ 24 И одеднаш таткото на момчето извика и со солзи рече: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“ 25 А Исус, штом виде дека се собра народ, строго му заповеда на нечистиот дух и му рече: „Духу нем и глув. Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него!“ 26 И кога извика, силно го стресе и излезе; а момчето беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело. 27 Исус, пак, откако го фати за рака, го исправи; и тоа стана. 28 И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го истераме?“ 29 Им одговори: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“ Исус по вторпат ги навестува Својата смрт и воскресение ( Мт 17,22-23 ; Лк 9,43-45 ) 30 И кога излегоа оттаму, минуваа преку Галилеја; и Тој не сакаше некој да разбере. 31 Зашто ги учеше учениците Свои и им велеше дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и на третиот ден по убивањето ќе воскресне. 32 Но тие не ги разбираа овие зборови и се плашеа да Го прашаат. Кој е најголем? ( Мт 18,1-5 ; Лк 9,46-48 ) 33 И дојде во Капернаум; и кога беше дома, ги праша: „Што размислувавте меѓу себе патем?“ 34 Тие молчеа, зашто патем се препираа меѓу себе, кој е поголем. 35 Тој седна и ги повика дванаесетте, па им рече: „Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на – сите!“ 36 И тогаш зеде едно дете, го постави меѓу нив, го гушна и им рече: 37 „Кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Ме прима Мене, туку Оној, Кој Ме пратил.“ Кој не е против нас, тој е со нас! ( Лк 9,49-50 ) 38 Тогаш Јован Му одговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој во Твое име изгонува демони, а не врви по нас; и му забранивме, зашто не оди по нас.“ 39 А Исус рече: „Не бранете му, зашто никој, што прави чудо во Мое име, не ќе може наскоро да говори зло за Мене. 40 Зашто, кој не е против вас, тој е со вас. 41 И кој ве напои со чаша вода во Мое име, затоа што сте Христови, вистина ви велам, нема да остане без награда.“ За соблазната ( Мт 18,6-9 ; Лк 17,1-2 ) 42 „А кој ќе соблазни едно од овие малите, што веруваат во Мене, за него е подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море. 43 И ако те соблазнува раката твоја, отсечи ја; подобро е за тебе без рака да влезеш во животот, отколку да имаш две раце и да отидеш во пеколот, во неизгасливиот оган, 44 (каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува.) 45 И, ако те соблазнува ногата твоја, отсечи ја; подобро е за тебе сакат да влезеш во животот, отколку да ги имаш двете нозе и да бидеш фрлен во пеколот, во неизгасливиот оган, 46 (каде што нивниот црв не умира ни огнот не изгаснува.) 47 И, ако окото твое те соблазнува, извади го; подобро е за тебе со едно око да влезеш во царството Божјо, отколку да имаш две очи и да бидеш фрлен во огнениот пекол, 48 каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува. 49 Зашто секој со оган ќе се посоли, (и секоја жртва со сол ќе се осоли). 50 Солта е добра; но, ако солта облутави, со што ќе ја осолите? Затоа имајте сол во себе, и мир имајте меѓу себе!“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society