Марко 6 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Исус отфрлен во Назарет ( Мт 13,53-58 ; Лк 4,16-30 ) 1 Па излезе оттаму и дојде во Својот крај; а по Него одеа и учениците Негови. 2 И кога дојде саботата, Тој почна да поучува во синагогата и мнозина, што слушаа, се чудеа и говореа: „Од каде во Него ова? И каква е оваа мудрост што Му е дадена, та такви чуда стануваат преку Неговите раце? 3 Не е ли Тој дрводелецот, Синот на Марија, брат на Јаков, Јосија, Јуда и Симон? И не се ли овде меѓу нас сестрите Негови?“ И се соблазнија заради Него. 4 А Исус им рече: „Пророкот никаде не е без почест, освен во својата земја, меѓу роднините и во својот дом.“ 5 И не можеше тука да изврши никакво чудо; освен што излекува малку болни, полагајќи ги рацете врз нив. Исус ги испраќа Своите дванаесет ученици ( Мт 10,5-15 ; Лк 9,1-6 ) 6 И се чудеше на нивното неверие. Па одеше по околните села и поучуваше. 7 И ги повика дванаесетте, и почна да ги праќа по двајца, и им даде власт над нечистите духови. 8 Па им заповеда да не земаат ништо за по пат освен по еден стап; ни торба, ни леб, ни пари во појасот. 9 Но да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки. 10 И им рече: „Ако влезете негде во куќа, останете во неа, сѐ додека не си отидете оттаму. 11 А ако негде не ве примат, ниту ве послушаат, штом излезете оттаму, истресете го правот од нозете свои, ним за сведоштво.“ 12 Тие појдоа и проповедаа покајание. 13 Изгонуваа многу нечисти духови, и многумина болни помазуваа со масло и лекуваа. Ирод и Исус ( Мт 14,1-2 ; Лк 9,7-9 ) 14 И цар Ирод разбра за Исус, зашто името Негово беше прочуено, па рече: „Јован Крстител воскреснал од мртвите и затоа стануваат чуда преку него.“ 15 Едни велеа: „Илија е!“, а други: „Пророк е, или како еден од пророците.“ 16 А Ирод, штом чу рече: „Тоа е Јован, на кого јас му ја отсеков главата; тој воскреснал од мртвите!“ Смртта на Јован Крстител ( Мт 14,3-12 ; Лк 3,19-20 ) 17 Бидејќи сам Ирод прати да го фатат Јован, го врза и го фрли во затвор, заради Иродијада, жената на брат му Филип, зашто се ожени со неа. 18 Бидејќи Јован му велеше на Ирод: „Не ти е дозволено да ја имаш жената на твојот брат!“ 19 А Иродијада се озлоби против него и сакаше да го убие, но не можеше. 20 Зашто Ирод се плашеше од Јован, знаејќи дека е тој човек праведен и свет и го пазеше; многу беше збунет додека го слушаше, а со задоволство го слушаше. 21 И настана погоден ден кога Ирод, по повод својот роденден, им приготви вечера на своите кнезови, војводи и старешини Галилејски; 22 и влезе ќерката на Иродијада, играше и им угоди на гостите и на Ирод. Тогаш царот ѝ рече на девојката: „Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам!“ 23 И ѝ се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, дури и половината од моето царство.“ 24 А таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?“ Таа ѝ одговори: „Главата на Јован Крстител!“ 25 И таа веднаш влезе кај царот и побара, говорејќи: „Сакам уште сега да ми ја дадеш на чинија главата на Јован Крстител!“ 26 Царот се загрижи, но заради ветувањето и гостите свои не сакаше да откаже. 27 И веднаш, откако испрати џелат, царот нареди да ја донесат главата негова. 28 А тој отиде, му ја отсече главата во затворот и ја донесе на чинија, па ѝ ја предаде на девојката, а девојката ја даде на мајка си. 29 Кога неговите ученици разбраа, дојдоа и го зедоа телото негово и го погребаа. Исус нахранува пет илјади души ( Мт 14,13-21 ; Лк 9,10-17 ; Јн 6,1-14 ) 30 И се собраа апостолите кај Исус, па Го известија за сѐ што направиле и поучувале. 31 А Тој им рече: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.“ Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат. 32 И отидоа со кораб сами во осамено место. 33 И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите градови тргнаа таму; и ги испреварија (и се собраа околу Него). 34 А Исус, кога излезе, виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и почна да ги поучува многу. 35 И бидејќи веќе времето поизмина, учениците Негови пристапија кон Него и рекоа: „Овде е местово пусто, а и доцна е; 36 распушти ги за да отидат по околните села и колиби и да си купат леб, зашто нема што да јадат.“ 37 Тој им одговори и рече: „Дајте им вие да јадат!“ А тие Му рекоа: „Да појдеме и да купиме за двесте денарии леб, па да им дадеме да јадат?“ 38 Потоа Тој ги праша: „Колку лебови имате? Отидете и видете!“ И кога видоа рекоа: „Пет леба и две риби.“ 39 Тогаш Исус им рече на сите да поседнат на купчиња по зелената трева. 40 И поседнаа во групи по сто и по педесет. 41 Тој ги зеде петте леба и двете риби, па, погледна кон небото, ги благослови лебовите и ги прекрши, и им ги даде на учениците Свои, за да им ги стават пред нив; исто така им ги раздели и двете риби на сите. 42 И јадеа сите и се наситија. 43 И собраа парчиња, од лебот и од рибите, полни дванаесет кошеви. 44 А оние, што јадеа од лебовите, беа околу пет илјади мажи. Исус чекори по вода ( Мт 14,22-33 ; Јн 6,15-21 ) 45 И веднаш ги натера учениците Свои да влезат во кораб и да отидат порано од Него на другата страна кон Витсаида, дури Тој не го распушти народот. 46 А Тој, одделувајќи се од нив, отиде во гората за да се помоли. 47 Приквечер коработ беше сред морето, а Тој сам на копното. 48 И ги виде како се мачат при пловењето, зашто ветрот им беше спротивен; а околу четвртата ноќна стража се приближи до нив и, одејќи по морето, сакаше само да помине покрај нив. 49 А тие, кога го видоа како оди по морето, помислија дека е тоа привидение, и почнаа да викаат; 50 зашто сите Го видоа и се уплашија. Тој веднаш почна да говори со нив и им рече: „Не плашете се! Јас сум, не бојте се!“ 51 И влезе кај нив во коработ и ветрот стивна. А тие многу се уплашија и се чудеа во себе. 52 Зашто не се вразумија (од чудото) со лебовите, бидејќи срцето им беше скаменето. 53 И кога преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска и се задржаа таму. 54 А штом излегоа од коработ, веднаш Го познаа. 55 Брзо ја обиколија целата таа околија и почнаа на носилки да носат болни таму, каде што слушаа дека Тој се наоѓа. 56 И каде да влегуваше: во села, во градови или населби – на крстопатите полагаа болни и Го молеа да се допрат барем до полата од облеката Негова. И сите што се допираа до Него, оздравуваа. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society