Online Bible

- Reklamy -

Марко 5 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Исус исцелува од нечист дух
( Мт 8,28-34 ; Лк 8,26-39 )

1 Преминаа отаде море, во Гадаринската земја.

2 И кога Тој излезе од коработ, вед­наш Го пресретна од гробиштата еден човек со нечист дух.

3 Тој живееше во гробовите, и дури и со вериги никој не можеше да го врзе;

4 зашто многупати беше во окови и во вериги врзан, ама ги кршеше оковите и ги раскинуваше веригите, и никој не можеше да го скроти;

5 и секогаш, ноќе и дење, по гро­биш­тата и по ридиштата викаше и се уди­ра­ше со камења.

6 Штом Го виде Исус оддалеку, при­трча и Му се поклони.

7 Па, како извика со силен глас, рече: „Што имаш, Ти, со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!“

8 Зашто му беше рекол: „Духу нечист, излези од човекот!“

9 И го праша: „Како те викаат?“ А тој одговори и рече: „Легија ми е името, зашто сме многу.“

10 И многу Го молеа да не ги брка од тој крај.

11 А таму, по ридот, пасеше големо крдо свињи.

12 И Го молеа и велеа: „Прати нѐ во свињине, да влеземе во нив.“

13 И Исус веднаш им дозволи. Откако излегоа, нечистите духови влегоа во свињите, и јурнаа свињите по стрмнината во морето, а беа околу две илјади; и се издавија во морето.

14 А оние, што ги пасеа свињите, побегнаа и известија во градот и по околијата. И мнозина излегоа да видат што станало.

15 И дојдоа кај Исус, и го видоа бесомачниот како седи облечен, и со здрав ум, во кого имаше легија, и се упла­шија.

16 А оние, кои беа виделе, раскажуваа што стана со обземениот од зол дух и со свињите.

17 И почнаа да Го молат да си оди од нивните краишта.

18 А кога влезе во коработ, оној, што беше порано бесомачен, Го помоли да биде со Него.

19 Исус не му дозволи, но му рече: „Оди дома кај своите, па раскажи им што стори Господ за тебе и како те помилува.“

20 Си отиде, и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус. И сите се чудеа.


Исцелувањето на болна жена и оживувањето на Јаировата ќерка
( Мт 9,18-26 ; Лк 8,40-56 )

21 А кога премина Исус со коработ пак на другата страна, кај Него се собра многу народ. И беше покрај морето.

22 И ете, дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, падна пред нозете Негови

23 и усрдно Го молеше многу, гово­реј­ќи: „Ќерка ми е на умирање; дојди и по­ложи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!“

24 И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа.

25 Една жена, што страдаше од крва­вење дванаесет години,

26 и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сѐ што имала и никаква полза не видела, а ѝ станало дури уште полошо,

27 штом чу за Исус, се приближи одзади меѓу народот и се допре до облеката Негова;

28 зашто си велеше: „Само ако се доп­рам до облеката Негова, ќе оздравам.“

29 И веднаш престана крвавењето, и таа осети во телото свое дека е излекувана од болеста.

30 А Исус одеднаш почувствува во Се­бе како излезе сила од Него и се сврте кон народот и рече: „Кој се допре до облеката моја?“

31 Учениците Негови Му рекоа: „Гледаш дека народот Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘“

32 Но Тој гледаше наоколу, за да ја ви­ди онаа, што го направи тоа.

33 Жената, пак, се уплаши и тре­пе­ре­ше; па, знаејќи што стана со неа, се при­ближи, падна пред Него и Му ја кажа целата вистина.

34 А Тој ѝ рече: „Ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир и биди здрава од болеста своја!“

35 Додека Тој уште зборуваше, дојдоа од кај началникот на синагогата и ре­коа: „Ќерка ти умре; што Му создаваш уште труд на Учителот!“

36 Но Исус, откако ги чу тие зборови, му рече на началникот на синагогата: „Не плаши се, само верувај!“

37 И никому не му дозволи да оди со Него, освен на Петар, на Јаков, и на Јо­ван, братот на Јаков.

38 Дојде во куќата на началникот на синагогата и виде растревоженост, пла­чење и силно врискање.

39 И кога влезе, им рече: „Што сте се развикале и расплакале? Девојчето не е умрено, туку спие!“

40 А тие Му се потсмеваа. Тој, пак, от­како ги истера сите, ги зеде таткото и мајката на девојчето и оние што беа со Него, и влезе каде што лежеше де­вој­че­то.

41 И кога ја фати раката на девојчето, рече: „Талита, куми!“ – што значи: „Де­војко, тебе ти велам, стани!“

42 И девојката одеднаш стана и почна да оди. А имаше дванаесет години. И сите се зачудија многу.

43 А Тој строго им заповеда, никој да не разбере за тоа и рече: „Дајте ѝ да ја­де!“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy