Online Bible

- Reklamy -

Марко 15 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Исус пред Пилат
( Мт 27,1-2 . 11-26 ; Лк 23,1-5 . 13-25 ; Јн 18,28–19,16 )

1 И веднаш утредента првосвештениците, со старешините и книжниците, и целиот Синедрион, одр­жаа состанок, па Го врзаа Исус, Го од­ведоа и Го предадоа на Пилат.

2 А Пилат Го праша: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Тој одговори и рече: „Ти ве­лиш.“

3 И првосвештениците Го обвинуваа многу. Но, Тој не одговори ништо.

4 А Пилат пак Го праша и рече: „Ништо ли не одговараш? Гледаш кол­ку многу сведочат против Тебе!“

5 Но Исус ништо веќе не одговори, така што Пилат се чудеше.

6 А на секој празник им ослободуваше по еден осуденик, кого што ќе го по­ба­раа.

7 И имаше еден човек, по име Варава, во окови заедно со прид­руж­ни­ците, што во една буна извршиле убиство.

8 И кога извика народот, почна да го моли Пилат да им го направи она, што го правел секогаш.

9 А тој им одговори и рече: „Сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?“

10 Зашто знаеше дека прво­свеш­те­ни­ците Го беа предале од завист.

11 Но првосвештениците го наговорија народот да бара да им го пушти Ва­ра­ва.

12 Пилат, пак, им одговори и рече: „Што сакате да направам со Оној, што Го именувавте Цар Јудејски?“

13 Тие одново извикаа, велејќи: „Распни Го!“

14 Пилат им рече: „Какво зло напра­ви­л?“ Но тие уште посилно извикаа: „Распни Го!“

15 Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава, а Исус Го камшикуваше и Го предаде да Го распнат.


Исусовите понижувања
( Мт 27,27-31 ; Јн 19,2-3 )

16 Војниците, пак, Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и по­викаа цела чета,

17 па Му облекоа багреница, и откако сплетоа трнов венец, Му го кладоа на главата;

18 и почнаа да Го поздравуваат: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“

19 И Го удираа по главата со трска и плукаа на Него, Му се поклонуваа, па­ѓајќи на колена.

20 А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ја облекоа Неговата облека и Го поведоа да Го распнат.


Исусовото распнување
( Мт 27,32-44 ; Лк 23,26-43 ; Јн 19,17-27 )

21 И го натераа некој си Симон Кири­неец, таткото на Александар и на Руф, кој се враќаше од поле, да Му го носи крстот.

22 Па Го одведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи.

23 И Му дадоа да пие вино со смирна, но Тој не зеде.

24 Тие што Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка кој што да земе.

25 Беше третиот час, и Го распнаа.

26 И имаше натпис за вината Негова: „Цар Јудејски.“

27 А со Него распнаа и два разбојника, едниот од десната Негова страна, а другиот од левата.

28 (И се исполни Писмото, кое вели: „И меѓу грешници Го ставија.“)

29 А минувачите, вртејќи глава, Го хулеа и велеа: „Аха! Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш,

30 спаси се Себеси и слези од крстот!“

31 Исто така и првосвештениците со книжниците Му се смееја и велеа: „Другите ги спасуваше, а Себе не може да се спаси!

32 Христос, Царот израелски, нека слезе сега од крстот, па да видиме и да поверуваме!“ Го хулеа и распнатите со Него.


Исусовата смрт
( Мт 27,45-46 ; Лк 23,44-49 ; Јн 19,28-30 )

33 А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час.

34 И во деветтиот час Исус извика гласно велејќи: „Елои, Елои, Лама са­вахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Бо­же Мој, зошто Ме остави?“

35 Некои од оние, што стоеја таму, штом го чуја тоа, рекоа: „Ете, го вика Илија!“

36 А еден отрча, натопи сунѓер во оцет, па како го закачи на трска, Му да­ваше да пие, велејќи: „Почекајте да ви­диме, ќе дојде ли Илија да Го симне.“

37 А Исус, пак, испуштајќи висок глас, издивна.

38 И завесата на храмот се расцепи на две, одозгора додолу.

39 А стотникот, што стоеше спроти Него, кога виде дека Тој, откако извика така и издивна, рече: „Навистина Овој Човек бил Син Божји!“

40 Имаше и жени што гледаа одда­ле­ку; меѓу нив беше и Марија Магдалена, и Марија, мајката на малиот Јаков и на Јосија, и Саломија,

41 кои и тогаш, кога Тој беше во Гали­леја, врвеа по Него и Му служеа, и мно­гу други што беа дошле со Него во Еру­салим.


Исусовото погребување
( Мт 27,57-61 ; Лк 23,50-56 ; Јн 19,38-42 )

42 А кога се стемни веќе, бидејќи беше петок, односно ден спроти сабота,

43 дојде Јосиф од Ариматеја, прочуен член на советот, кој и сам го очекуваше царството Божјо, се осмели да влезе кај Пилат и го замоли за телото Исусово.

44 Пилат се зачуди дека Тој веќе ум­рел; и кога го извика стотникот, го пра­ша дали одамна умрел.

45 Па штом дозна од стотникот, му го даде телото на Јосиф.

46 А Јосиф купи платно, Го симна и Го обви во плаштаница и Го положи во гроб, што беше издлабен во карпа и на­вали камен на гробната врата.

47 А Марија Магдалена и Марија Јо­сиева гледаа каде Го полагаат.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy