Online Bible

- Reklamy -

Марко 12 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Парабола за немилосрдните лозарите
( Мт 21,33-46 ; Лк 20,9-19 )

1 И почна да им говори во па­раболи: „Еден човек насади лозје и го загради со ограда, па ископа бунар и соѕида кула; и откако им го предаде на лозарите, си отиде.

2 А кога дојде времето, испрати кај лозарите еден слуга, за да го прибере од нив плодот на лозјето.

3 Но тие го фатија слугата, го натепаа и го испратија празен.

4 И пак испрати кај нив друг слуга; и нему, со камења му ја расцепија главата, па го отпуштија посрамен.

5 Испрати и друг; него, пак го убија; и мнозина други, или натепаа, или пак ги убија.

6 Па, бидејќи имаше уште еден син, кој му беше мил, го испрати најпосле него кај нив, велејќи: ‚Ќе се засрамат од сина ми.‘

7 Но лозарите си рекоа меѓу себе: ‚Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше!‘

8 И го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето.

9 Што ќе направи, пак, господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лоза­рите, а лозјето ќе го даде на други.

10 Зар не сте читале во Писмото: ‚Ка­менот, што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник.‘

11 Од Господ е тоа, и чудесно е во очи­те наши.“

12 И сакаа да Го фатат, но се уплашија од народот, зашто разбраа дека за нив ја кажа параболата; па Го оставија, и си отидоа.


За плаќањето данок
( Мт 22,15-22 ; Лк 20,20-26 )

13 А пратија кај Него некои од фарисе­ите и од Иродовците, за да Го фатат на збор.

14 Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си правичен и дека не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји. Треба ли да му се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме?“

15 А Тој, знаејќи ја нивната лицемерност, им рече: „Зошто ме искушувате? Донесете ми еден денариј да го видам!“

16 И тие донесоа. Па им рече: „Чиј е овој лик и натпис?“ Му рекоа: „На ца­рот.“

17 Тогаш Исус им одговори и рече: „Давајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!“ И тие Му се чудеа.


За воскресението
( Мт 22,23-33 ; Лк 20,27-40 )

18 Дојдоа кај Него и садукеите, кои ве­лат дека нема воскресение, па Го пра­шаа, говорејќи:

19 „Учителе, Мојсеј ни напиша: ‚Ако некому умре братот и остави жена, а де­ца не остави, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека го подигне потомството на својот брат.‘

20 Беа седуммина браќа: првиот зеде жена и кога умре, не остави пород.

21 Неа ја зеде вториот брат, и умре, но и тој не остави пород; исто така и третиот.

22 Ја зедоа сите седуммина, и не ос­та­вија пород. По нив умре и жената.

23 При воскресението, кога ќе вос­креснат, на кого од нив таа ќе биде же­на? Зашто седуммина ја имаа како же­на.“

24 А Исус им одговори и рече: „Зар не се лажете, бидејќи не ги познавате ни Писмата, ниту силата Божја?

25 Зашто, кога ќе воскреснат од мрт­вите, ниту ќе се женат, ниту ќе се ма­жат, туку се како ангели на небесата.

26 А за мртвите, дека ќе воскреснат, не сте ли читале во книгата на Мојсеј, како му рече Бог кај капината: ‚Јас сум Бог Авраамов, и Бог Исаков, и Бог Ја­ковов‘?

27 Но Тој не е Бог на мртвите, туку Бог на живите. Вие, пак, многу се ла­же­те!“


Најважната заповед
( Мт 22,34-40 ; Лк 10,25-28 )

28 Тогаш пристапи еден од книж­ни­ци­те, кој ги слушаше како се препираат и увиде дека Исус им одговараше добро, па Го запраша: „Која е прва од сите заповеди?“

29 А Исус му одговори: „Најважна од сите заповеди е: ‚Чуј Израеле! Господ, Бог наш, е еден Господ.

30 Затоа, возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!‘ Ова е најважната заповед.

31 А втората е слична на неа: ‚Воз­љуби го својот ближен како себеси!‘ Друга заповед, поголема од овие, нема.“

32 Книжникот Му рече: „Добро, Учи­теле. Право кажа дека Бог е еден, и де­ка нема друг, освен Него;

33 и дека, да Го љубиш со сето срце, и со сиот разум, и со сета своја душа, и со сета сила, и да го љубиш ближниот свој како себеси е повеќе од сите прилози и жртви.“

34 Исус, пак, кога виде дека умно од­говори, му рече: „Не си далеку од царството Божјо.“ Потоа никој веќе не се осмелуваше да Го прашува.


За Месијата
( Мт 22,41-46 ; Лк 20,41-44 )

35 И кога одговараше Исус, поу­чу­вај­ќи во храмот, рече: „Како тоа книжни­ците велат дека Христос е син Давидов,

36 кога самиот Давид кажа преку Све­тиот Дух: ‚Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите неприја­тели за подножје на нозете Твои!‘

37 И така, сам Давид Го нарече Гос­под; од каде тогаш да Му е Тој син?“ И многу народ Го слушаше со задовол­ство.


За книжниците
( Мт 23,1-12 ; Лк 20,45-47 )

38 И им рече потоа во Својата поука: „Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат во долги облеки и да ги поздра­вуваат по улиците,

39 и заземаат предни седишта во синагогите, како и први места на гозбите.

40 Тие, што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се мо­лат, ќе бидат потешко осудени.“


Прилог од една вдовица
( Лк 21,1-4 )

41 Па седна Исус спроти ковчежето и гледаше како народот пушта пари во него. Мнозина богати пуштаа многу.

42 И кога дојде една бедна вдовица, пушти две лепти, што изнесува еден кодрант.

43 А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: „Вистина ви велам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите, што пуштија во касата на храмот;

44 зашто сите пуштија од својот ви­шок, а таа од својата сиромаштија даде сѐ што имаше, целиот свој имот.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy