Online Bible

- Reklamy -

Марко 11 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Свеченото влегување во Ерусалим
( Мт 21,1-11 ; Лк 19,28-40 ; Јн 12,12-19 )

1 И кога се приближи до Еруса­лим, во Витфагија и Витанија, кај Маслиновата Гора, испрати Исус двајца од учениците,

2 и им рече: „Одете во селоно, што е наспроти вас, па штом ќе влезете во не­го, ќе најдете врзано младо магаре, што ниеден човек не го јавал; одврзете го и доведете го!

3 И, ако ви рече некој: ‚Зошто го правите тоа?‘ Кажете дека Му е потребно на Господ; и тој веднаш ќе го прати тука.“

4 Тие отидоа и го најдоа младото ма­га­ре, врзано за портата однадвор, на крстопатот и го одврзаа.

5 И некои од оние, што стоеја таму, им рекоа: „Што правите? Зошто го од­врзувате?“

6 А овие им одговорија, како што им беше заповедал Исус и тие ги оставија.

7 И го доведоа младото магаре кај Исус, ги кладоа врз него алиштата свои и Тој седна на него.

8 И мнозина ги постилаа своите облеки по патот.

9 А оние, што одеа пред Него и по Не­го, викаа и велеа: „Осана! Благословен е Оној што иде во името Господово!

10 Благословено е царството на на­ши­от татко Давид, кое иде во името Гос­по­дово! Осана во висините!“

11 И влезе Исус во Ерусалим, во хра­мот, разгледа сѐ, па, бидејќи веќе беше доцна, излезе и отиде со дванаесетте во Витанија.


Смоквата што не дава плод
( Мт 21,18-19 )

12 А утредента, кога излегоа од Ви­та­нија, Тој огладне;

13 и кога оддалеку виде една смоква, покриена со лисја, се приближи, не би ли нашол нешто на неа; но, кога се доближи до неа, не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше времето за смокви.

14 И Исус ѝ рече: „Отсега никој довека да не вкуси плод од тебе!“ И го чуја тоа учениците Негови.


Исус во храмот
( Мт 21,12-17 ; Лк 19,45-47 ; Јн 2,13-22 )

15 И пак дојдоа во Ерусалим. Кога влезе Исус во храмот, почна да ги брка оние, што продаваа и купуваа во хра­мот, и им ги преврте масите на менува­чите на пари и столовите на оние, што продаваа гулаби;

16 и не дозволуваше никој преку хра­мот да пренесе каков и да било сад.

17 И ги поучуваше, велејќи: „Не е ли напишано: ‚Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече‘? А вие го направивте како разбојничко гнездо!“

18 И кога го чуја тоа книжниците и првосвештениците, гледаа како да Го погубат, бидејќи се плашеа од Него, зашто сиот народ се восхитуваше на Неговото учење.

19 А кога се стемни, Тој излезе надвор од градот.


Лекција за смоквата
( Мт 21,20-22 )

20 Утредента, минувајќи, ја видоа смоквата исушена откорен.

21 И кога се сети, Петар Му рече: „Ра­ви, погледај! Смоквата, што ја проколна, се исушила!“

22 А Исус им одговори и рече:

23 „Имајте вера во Бога. Зашто, вистина ви велам ако некој ѝ рече на оваа планина: ‚Дигни се и фрли се в море!‘ и не се посомнева во срцето свое, туку по­ве­рува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже.

24 Затоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете – и ќе ви биде.

25 И кога стоите на молитва, простувајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот небесен Отец да ви ги прос­ти вашите гревови.

26 Ако ли, пак, вие не простувате, и вашиот небесен Отец нема да ви ги прости гревовите ваши.“


Исусовата власт
( Мт 21,23-27 ; Лк 20,1-8 )

27 И пак дојдоа во Ерусалим; а кога одеше низ храмот, се приближија до Него првосвештениците и книжниците и старешините,

28 па Му рекоа: „Со каква власт го правиш тоа? Или кој Ти ја дал таа власт, да го правиш тоа?“

29 Исус им одговори и рече: „Ќе ве прашам и Јас за нешто и одговорете Ми, а потоа и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам тоа.

30 Крштавањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето? Одговорете Ми!“

31 А тие си мислеа во себе и велеа: „Ако кажеме ‚Од небото‘ – ќе рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘

32 Но, ако кажеме, ‚Од луѓето‘“ – се плашеа од народот; зашто сите го сметаа Јован за вистински пророк.

33 И одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.“ А Исус им одговори и ре­че: „Ни јас не ви кажувам, со каква власт го вршам тоа.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy